18.10.2011, 16:29 Пожарот ги „затопли“ односите со Катар
Од „Александар палас“ се правдаат како да стануваше збор за свадба, а не висока државничка посета
Слободанка Јовановска
Надлежните во Македонија и управата на хотелот „Александар палас„ вчера се обидоа да го минимизираат инцидентот за време на вечерата организирана во чест на емирот од Катар, шеикот Хамад бин Калифа ал-Тани, со образложение дека пожарот не бил закана, па и тоа дека пожар, всушност, немало, туку тоа бил само курцшлус на неисправна светилка. Да беше во прашање некоја свадба од тие што се организираат во хотелот, објаснувањето можеше и да пројде, но бидејќи стануваше збор за емир со сина крв, од богата земја, на кој патем не толку одамна имаше неуспешен обид за атентат, и една светилка (а не беше баш така) пали црвен аларм.
Вечерта во „Александар палас“ се запалија дури и сирените за пожар, а освен густата „магла„ од чадот и од хемискиот распрскувач за гаснење пожарот, паѓаа и делови од метал, стакло и огнени пламени. Со оглед на тоа дека до пожарите вообичаено доаѓа од фрлена цигара или догорче, а не запалива бомба, легитимно е прашањето - ако една неисправна светилка предизвика ефект ка��ов што покажуваат сликите, како ќе изгледаше да изгореше кујната на „Александар палас“? Фамозната светилка, патем, беше причина целиот хотел да се најде прекриен со половина сантиметар бел прав, па четири хигиеничарки со правосмукачки забрзано го чистеа фоајето и ги враќаа во нормала масите, фотелјите и столовите што обелеа сосема од хемискиот распрскувач.
„Утрински весник“, наспроти шпекулациите како тоа баш опозициски настроен весник да се најде таму и како да се случи ваков инцидент баш во хотел на главен спонзор на опозициската партија, всушност, не беше единствен присутен на настанот. Беа присутни и цела група салонски новинари што заборавија која им е професијата и не дојдоа од салата до холот за да видат што се случува, иако инцидентот траеше подолго од половина час, а емирот доцнеше поради тоа. Дали требаше да изгори целиот хотел, па да видат вест, е тема за друга расправа.
Како и да е, за да му се надомести на емирот кој на ниво се справи со инцидентот, вчера неговото движење го следеше хеликоптер нонстоп, а беше ангажирана целата шеста управа на полицијата по улиците и во Старата чаршија.
(Поопширно во утрешното печатено издание на „Утрински весник“) |