21.10.2011, 16:19 Обвинение за Ален Зекиров
Телохранителот на Мијалков ќе одговара за несреќа од пред две години кога со мотоцикл усмрти 73-годишен велосипедист
Горан Адамовски
Ален Зекиров, 29-годишниот телохранител на првиот човек на УБК, Сашо Мијалков, ќе одговара за сообраќајната несреќа ш��о ја предизвика пред повеќе од две години на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. Толку време и' беше потребно на истрагата за да утврди дали кај него има одговорност поради тоа што со мотоцикл го усмрти 73-годишниот велосипедист Симо Серафимовски. Зекиров е обвинет за тешки дела против безбедноста во сообраќајот. За ваквите дела, доколку се докаже вината, предвидена е затворска казна до пет години.
„Обвинението е поднесено пред неколку дена. Сега е во рацете на судијата што го проучува, по што ќе биде закажано судењето“, ни потврдија вчера од Основниот суд Скопје 1.
Како што е познато, трагичната незгода се случи на 16 јуни 2009 година. Околу 19 часот, според информациите од полицијата, Зекиров со мотоцикл „агуста“ удрил во Серафимовски, кој со велосипед минувал улица кај ТЦ „Буњаковец“ во центарот на Скопје. Велосипедистот се здоби со тешки повреди, на кои им подлегна на скопските клиники. Мотоциклистот мина со телесни повреди и беше на лекување во Ургентниот центар. Очевидци, тогаш тврдеа дека велосипедистот минувал на пешачки премин, а оти по ударот бил отфрлен десетина метри. Телохранителот на директорот на Управата за безбедност и за контраразузнавање не бил на работна должност. Мотоциклот бил приватен, а не службен. Резултатите од алкотестирањето утврдија дека Зекиров се немал напиено ниту капка алкохол.
„Записникот од увидот се' уште не е завршен, за тоа обично требаат неколку дена, а потоа ќе му биде предаден на Судот, односно на Обвинителството, од каде што ќе одлучат дали има елементи за поведување судска постапка“, изјавија од МВР веднаш по несреќата.
Сепак, предметот со месеци и месеци беше во „фаза на истрага“. Најпрво, долго се чекаше на поднесување кривична пријава, а кога се случи тоа, се чекаше и на барање за спроведување кривична истрага. Дури во летото 2010 година, Зекиров даде исказ пред истражен судија, а потоа дојде на ред сообраќајното вештачење. Со колкава брзина возел Зекиров, ќе се утврдува на суд.
Додека траеше истрагата, Зекиров доби поддршка на „Фејсбук“. Неговите поддржувачи преку мрежата за социјално дружење упатуваа пораки за сочуство до семејството на загинатиот, но и му даваа сила на Зекиров за „да издржи во моментите кога му е најтешко“. Оваа група предизвика револт кај голем дел од интернетџиите, кои бараа правдата да биде еднаква за сите, односно соодветна санкција за Зекиров, доколку пред суд биде утврдена негова вина. |