19.10.2011, 16:45 Атина под опсада од народот. Половина милион демонстранти на улица
Народот испрати јасна порака до Папандреу за промена на политичкиот систем во државата
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Атина - Цела Грција излезе на улица. Реки од најмалку половина милион луѓе го преплавија центарот на Атина блокирајќи ги сите централни улици и плоштадот „Синтагма“ во најмасовните протести досега против тешката економска ситуација во земјата.
Протестите почнаа нешто пред 11 часот, а во 15 часот протестните поворки се' уште се движеа на улиците. Атина беше под опсада на половина милион штрајкувачи и околу 15.000 специјалци распоредени на секое ќоше во градот. Ова е еден најголемите, ако не и најголемиот протест што го има видено Грција во последните 30 години. Бројноста на граѓаните од сите слоеви и сите возрасти беше најгласната и најјасната порака испратена до владата - народот бара коренити промени во политичкиот систем во државата.
На улица беа излезени сите, и вработени во приватниот и државниот сектор. Затворени беа сите продавници, трафики, болници, банки, пристаништата, пекарници. На аеродромот се создаде хаос поради прекинот на работа на контролорите на летови, не работеше железницата, беа излезени трговците и пазарџиите, вработените во грчките министерства, синдикалците од трите големи работнички синдикати, студентите, професорите. Граѓаните извикуваа дека нема да се тргнат од улиците се' додека не си заминат политичарите, тројката и грчкиот долг, извикуваа дека владата треба сама да си ги повлече мерките и да го остави народот на мира. Бараа да им се даде воздух за да дишат послободно затоа што се задушени од сите даноци и кратење кои наеднаш сака да ги воведе владата.
Протестот почна мирно, но по неколку часа започнаа пресметките со полицијата. Десетици маскирани млади почнаа насилно да се обидуваат да ја урнат оградата поставена од левата страна на Собранието. Со сета сила скокаа, фрлаа со камења додека не ја урнаа оградата, на што полицијата одговори со солзавец и со димни бомби за да ги спречи да влезат кон Собранието. Камења фрлаа и разлутените млади луѓе и специјалците, гневни граѓани откорнаа огради, сообраќајни знаци и ги фрлаа кон полицијата викајќи истовремено дека треба да се тргнат и да им дозволат да влезат кај оние кои се виновни за кризата.
Делови од целиот центар личеа на бојно поле, маскирани штрајкувачи и специјалци, Молотови коктели и искршени мермери против солзавец, пендреци и димни бомби. На маскираните млади им се придружија и средовечни граѓани во обид да ја истиснат полицијата. Насилните немири се ширеа, расчистувајќи ги толпите од мирни граѓани кои го имаа опседнато центарот.
„Срамота, илјадници луѓе мирно протестираат, а вие аплаудирајте им на неколкутемина што се докажуваат со насилство“, извика една млада жена во поминување од едно од местата на кое се водеше војна со камења меѓу маскираните и полицајците. Дел од граѓаните и медиумите го осудија насилството коментирајќи дека само ја поништува пораката која ја пренесува овој најмасовен штрајк во последните три децении во Грција.
„Имаме кредити за враќање, деца за образување, сметки за плаќање. До сега ми скратија 450 евра, да видиме сега со новите измени за платите уште колку ќе ми земат“, коментира еден од вработените во државните болници. Ни вели дека се оскудни средствата што се даваат за државните болници, дека треба да се направи нешто за да се подобри ситуацијата во еден од основните столбови во државата, јавното здравје наместо да се крати персоналот, кој и онака е недоволен за да одговори на потребите на граѓаните.
„За да дојдам до степен да излезам на улица значи дека ситуацијата е ужасна. Имам сопствена продавница и прометот почна со пад од 10 отсто и продолжува да паѓа. Граѓаните се мислат дали да дадат едно или две евра повеќе за да купат нешто. Се премислуваат неколку пати дали навистина им треба и бараат да го најдат за поевтино. Им помагав финансиски на моите деца кои се со семејства, имам и внучиња. Им се заканува отпуштање од работа, а со пад на прометот во продавничката не можам да им помогнам за да бидат финансиски постабилни“, ни вели Марија која стои во поворката на атинските трговци.
Таа смета дека треба од корен да се смени се во политичкиот систем на Грција. „Не само да се смени оваа партија. Се' да се смени. Овие мерки требаше да ги воведат пред многу години, а не да го направат тоа за да не можеме да кренем глава од сметки и даноци. Зошто чекале толку години?“, вели револтираната марија.
За слични проблеми со пад на работата и профитот се жалат и трговците од зелените пазарчиња во Грција, кои тврдат дека за смешни цени продаваат зеленчук и овошје, се обидуваат да имаат пониски цени од маркетите, меѓутоа постојано забележуваат пад на бројот на граѓани кои доаѓаат да купуваат. „Граѓаните чекаат до последен момент и излегуваат да купуваат баш пред затварање на пазарот кога цените се најниски или кога даваме производи и бесплатно. Сите сме задолжени насекаде, не знам како ќе го пребродиме овој период“, вели младиот Никос.
Дел од граѓаните се одлучни дека целосно треба да се смени политичкиот систем и да дојде некој нов на чело на државата, додека пак други сметаат дека едноставно треба да се смени владата на ПАСОК која поради мерките за штедење ја сметаат за главен виновник на грчката криза. Меѓутоа, поголем дел сфаќаат дека кој и да дојде ќе треба да поминат уште многу години за Грција да се врати во нормала.
Средбата на премиерот Јоргос Папандреу со лидерот на опозицијата Адонис Самарас во вторникот која многумина ја гледаа како последна шанса за формирање заедничка влада за спас пропадна. Средбата траеше само 25 минути, а Самарас истакна дека нема што да му каже на човек кој е во паника и ја уништува државата.
Протестите продолжуваат и денес.
|