19.10.2011, 16:21 Скулптурата на Тоше, сепак, замина во леарница
По објавувањето на првата фотографија од скулптурата на Проески, која ќе биде поставена на „Мостот на уметноста“ во Скопје, јавноста жестоко критикуваше дека делото не личи на нашата ѕвезда
Катерина Шекеровска
„Ова не е нашиот Тоше, ова е некој друг човек“, тоа е заедничкиот став на најголемиот дел од обожавателите на Тоше Проеск��, по повод изработката на неговата скулптура која треба да биде поставена на „Мостот на уметноста“ во Скопје.
Во јавноста, а особено на социјалните мрежи, се појави лавина од реакции и коментари откако за првпат беше објавена фотографија од новата скулптура што ја изработи скулпторот Сретко Јовановски, автор на монументалната „Пајонска свештеничка“. Тој го претстави македонскиот пејач со едната рака на срцето, а во другата како држи микрофон, но најмногу критики отидоа на сметка на изгледот на Тоше, кој, како што сметаат почитувачите на неговите лик и дело, воопшто не потсетува на ѕвездата.
И покрај се', скулптурата на Тоше, сепак, завчераутро замина на леење во леарницата РЖ Институт а.д. Скопје, без никакви промени, корекции или какви било менувања во нејзиниот изглед. Онаква каква што ја гледаме на фотографиите, за кои нејзиниот автор вели дека се направени аматерски, без професионална опрема што е особено битно при фотографирање на вакви и слични дела. Скулпторот Сретко Јовановски признава дека по реакциите во јавноста, скулптурата на Тоше одново морала да мине преку неофицијална комисија која дала зелено светло за нејзина понатамошна изработка. Како што дознаваме, меѓу „оценувачите“ била и Валентина Каранфилова-Стевановска, авторка на споменикот „Воин на коњ“.
„Комисијата дојде повторно и виде дека е се' во ред. Утрово скулптурата замина на леење, а очекувам дека ќе биде готова до крајот на декември“, ни изјави нејзиниот автор Сретко Јовановски. Тој признава дека направил грешка што дал нејзини фотографии во јавноста, кои се правени аматерски и не го прикажуваат нејзиниот вистински изглед. Тврди дека скулптурата е поинаква во живо, а тоа го потврдиле и стручни лица, и комисија и неговите пријатели кои ги виделе и фотографијата и скулптурата. Се согласуваат дека има значителна разлика. „Скулптурата не може да биде иста како фотографијата. Таа поинаку се гледа. Тој што се разбира знае за што се работи и дали е или не е промашена. Можам да ви кажам дека сите што досега ја видоа ја оценија позитивно“, вели Јовановски и објаснува дека при изработката разгледал илјадници фотографии во најразлични пози на популарниот пејач.
Скулптурата е висока два метра и ќе биде излеана во бронза, а Јовановски, како што вели, ќе го надгледува целиот процес. Ќе биде поставена меѓу 29 статуи на „Мостот на уметноста“, што ќе ги поврзува ГТЦ и кружната зграда на Јавното обвинителство во Скопје. Мостот се гради според идејното решение на Коста и на Викторија Мангаровски, а во неговата средина ќе има скулптура од три метри на браќата Миладиновци, додека двометарските скулптури на страните на мостот, покрај Тоше Проески, ќе бидат посветени на Лазар Личеноски, Никола Мартиновски, Димитар Кондовски, Петар Мазев, Григор Прличев, Стале Попов, Крсте Петков Мисирков, Кочо Рацин, Јордан Хаџи Константинов-Џинот, Блаже Конески, Ацо Шопов, Славко Јаневски, Васил Иљоски, Ванчо Николески, Живко Чинго, Војдан Чернодрински, Димитар Пандилов, Никола Вапцаров, Неџати Зекирија, Муртеза Пеза, Адем Гајтани, Ристо Шишков, Петре Прличко, Властимир Николовски, Трајко Прокопиев, Тодор Скаловски и на Стефан Гајдов.
Мостот на уметноста е проект на Општина Центар и е дел од „Скопје 2014“. |