22.08.2012, 18:56 Мислења
Леб и циркус
Роберт Несими
Последните случувања во Слупчане и со АРМ се создават проблеми кои личат на циркуси и немат врск�� со реалните проблеми на граѓаните и државата
Во времето на древниот Рим, една од стандардните политики кои биле применувани за зачувување на внатрешниот ред и мир била „panem et circenses“ или во превод „леб и циркус“. На стотици илјади жители Рим, кои биле сведени на ниво на страшна сиромаштија, империјата секој ден буквално им делела леб, а паралелно со тоа биле понудени бесплатни забави од типот на гладијаторски игри во колосеуми или трки со кочии во циркусот.
Во тие декадентни времиња се сметало дека тоа е доволно на обичен човек да му се тргне вниманието од бедната политичка состојба на империјата и да остане политички пасивен. Ваквиот однос на една држава кон нејзините граѓани не останало својство само на Римската Империја. Учејќи од древниот свет, оваа лекција ја научиле и други државници низ историјата, па свесно или несвесно било често пати практикувана. Со текот на времето, „panem et circenses“ добила на статус и скришум станала позната алатка во арсеналот на политички вештини кои може да ги употреби вешт државник.
Се' повеќе во последно време некаков вид на таа цинична политика, не можеме да кажеме дали свесно или несвесно, но во модернизирана форма, ја практикува и власта на нашата земја. Еден куп мерки што се презедоа со доаѓање на власт на сегашните наши државници покажуваат токму на тоа, а трите најголеми групи кои се таргетирани да примат таков „леб“ изгледа се пензионерите, вработените во државната администрација и земјоделците. Пензиите се зголемени неколку пати во последните години, без притоа да се води сметка за финансиските состојби во Пензискиот фонд, одржливоста на таквите зголемувања и иднината на Фондот и идните пензионери.
Слични такви зголемувања се случија и кај платите на вработените во државната администрација и со тоа тие да бидат поголеми и од приватниот сектор. На тоа можеме да го додадеме и големиот број нови вработувања во администрацијата. Износот на исплатени субвенции, исто така, растеше, меѓутоа власта се' уште не докажала дека тие го дават ефектот за кој се наменети, т.е. раст на извозот. Затоа сите три случаи повеќе личат на „давање леб“, односно „купување“ гласови отколку на мерки за економски развој и подобрување на благосостојбата на сите во државата.
Другата страна на медалот, секако, се игрите, односно „циркусот“. Јасно е дека тоа што се случува во нашата политика е многу забавно, но тоа не е знак за арно. Во напредните земји кои немат голем број проблеми политиката е здодевна; ако политиката ви личи на шпанска сапуница, тоа е знак дека нешто не е в ред со земјата. А нашата влада се погрижи да го тргне вниманието од суштинските проблеми и да нуди циркуси со кои може да се позабавиме. Било да се работи за апсења на „корумпирани“ без судски разрешници, антиквизација, македонски Пакистанци од типот на Газанфар Али Кан, пропаднат попис, лустрација, Кале, „Детонатор“, „Монструм“. И со последните случувања во Слупчане и со АРМ се создават проблеми кои личат на циркуси и немат врска со реалните проблеми на граѓаните и државата. Тие служат само за бегање од реалноста и за собирање политички поени за партиите во власта.
Но, фактот што отсекогаш им бега на циничните државници е тоа што политиката на „леб и циркуси“ никогаш не се покажала успешна. Таа служи само за ставање на проблемите под тепих, а не нивно решавање; за одолжување на падот, не на негово запирање. Тоа никогаш не била политика на виталниот, силниот Рим, туку на декадентниот Рим; не на сојузот на граѓани во времето на подемот на Римската Република, туку на нацијата на „питачи“ при неговото опаѓање. Проблем е тоа што луѓе навикнати само на леб и циркуси немат лојалност кон нешто повисоко, туку само на оној што го нуди тој леб и тие игри. Неговата лојалност е лесно пренослива и порано или подоцна ќе најде подобар понудувач на кому ќе му се потчини.
Во наши околности политиката „леб и циркуси“ веќе е осудена на пропаст. Прво, Македонија е сиромашна земја и нема вишок ресурси кои можат да се делат како „леб“ и во таа насока веќе гледаме дека се преземат чекори за скратување на пензиите, има застој во исплата на субвенциите итн. Второ, и поважно, без разлика на тоа како не' гледа и како се однесува нашата власт, нашето општество, секако, не е декадентно до тој степен што нема повисоки цели отколку лебот и циркусот. Ако можеме да кажеме дека таквата политика, манифестирана како чист популизам, даваше резултати во првичните фази, сега се добива впечаток дека граѓаните се уморни од неа и барат адресирање на конкретните, вистински проблеми на државата. Власта веќе нема многу време за губење, ако не сака да биде казнета на избори, ќе мора да го промени овој однос и поглед на граѓаните како питачи зависни од неа, како лесен плен за манипулирање за гласови. Нашето општество може и заслужува подобро.
(Авторот е член на Институтот ИПЕСА)
Наш став
Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата на „Утрински весник“ да биде влијателен глас на заедницата. Но, напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на други личности од која било сфера. „Утрински весник“ се оградува од таквиот речник и конотации и ги смета за непримерни во јавната комуникација. |