21.02.2012, 14:35 Косовски војници ќе се обучуваат на македонските полигони
Чеку го осуди палењето на македонското знаме на спортските натпревари во Косово и повика тоа да не добива пошироки димензии
Палењето на македонското знаме на натпревари во Косово е неприфатливо и е за осуда - е став на Агим Чеку, министер на Косовските безбедносни сили, изнесен по средбата со нашиот министер за одбрана Фатмир Бесими, кој денеска беше во посета на Приштина.
- Спортот треба да ги зближува луѓето, а не да ги разединува. Треба да се потрудиме спортот да не ја загуби својата цел. Инцидентите нека останат само во салата и да не добијат пошироки димензии, нагласи Чеку.
Главниот резултат од посетата е сепак договорот меѓу двајцата први луѓе во одбраната да соработуваат, така што Македонија ќе го турка Косово кон НАТО и кон вклучување во меѓународните мисии и ќе обучлува кадети на нашата Воена академија.
Според Чеку, двете земји имаат одлична соработка која може да претставува пример за соработка и за останатите држави.
- Денешната средба претставува чекор напред за интензивирање на соработката. Министерството на КБС се подготвува за учество во релевантните мисии во земјата, како и во меѓународните, а за таа цел ја имаме целосната поддршка од Република Македонија, изјави Чеку. Тој појасни дека четворицата кадети ќе бидат од малцинствата на Косово и ќе се обучуваат на Воената академија во Скопје меѓудругото и за реагирање при итни случаи.Според министерот Бесими, приоритет за македонското Министерство за одбрана е да има отворен дијалог и добрососедски односи со Приштина.
- Од приоритетно значење за македонското Министерство за одбрана е постигнување целосно отворен дијалог и добрососедски односи со Косово, како и постигнување високо ниво на соработка во областа на одбраната и безбедноста на двете земји, рече Бесими. Како резултат, за време на посетата беше потпишан план за билатерална соработка за 2012 година, со кој се утврдени можности за користење од страна на Косово на полигонот Криволак, Регионалниот тренинг центар за комуникации и Воено медицинскиот центар. (Н.Р.)
|