10.06.2012, 15:09 Конфискуван српски автобус оти користел „црвена нафта“
Автобусот сообраќал на релација од Бугарија, преку Македонија до Косово
Туристички автобус на агенцијата „Село Турс“ од Нови Пазар, Србија, е конфискуван, бидејќи возел на црвена нафта. Автобусот сообраќал на релација од Бугарија, преку Македонија до Косово.
Поради претходно добиени сознанија дека сопственикот на автобусот се занимава со нелегални активности, полицијата и царинските иследници на 2 јуни околу 14:00 часот на магистралниот пат Куманово-Скопје го запреле автобусот. При извршената контрола на погонското гориво на резервоарот од автобусот, органолептички е констатирано дека се работи за нафтен дериват кој содржи средство за обележување (екстра лесно гориво-црвена нафта), кој е забранет за употреба како погонско гориво.
Земени се мостри на лице место, составен е записник и пратени се во Царинска лабораторија заради точно утврдување на видот на горивото, а автобусот е одземен и предаден на царинските службеници за понатамошна постапка и поднесување на соодветна пријава. |