13.06.2012, 12:41 СРД и ја одзеде дозволата на Телевизија А2
На одлуката на Советот реагираше Самостојниот синдикат на новинари
Советот за радиодиуфузија на денешната седница донесе одлука да и ја одземе дозволата за работа на Телевизија А2, според член 63 од Законот за радиодифузна дејност.
СРД констатира дека и покрај дадените неколку рокови да го усогласи работењето со Законот за радиодифузната дејност и условите од дозволата, сателитското трговско радиодифузно друштво А2 Телевизија не ја прилагоди програмата согласно добиената дозвола.
Последниот мониторинг на програмскиот сервис на Телевизија А2 покажа дека овој радиодифузер сериозно отстапува од претежно забавниот општ формат, што му е доделен. Наместо најмногу 65% програми што исполнуваат забавна функција, емитува 75,68%, а повеќе од две третини се репризни изданија. Редовните мониторинзи на програмите на радиодифузерите покажаа сериозни остапувања во форматот на Телевизија А2, соопшти СРД.
Во периодот од февруари оваа година, СРД во неколку наврати и укажувал на Телевизија А2 да се прилагоди кон условите од дозволата и кон Законот за радиодифузната дејност. а за таа цел членовите на Советот и лично го информирале управителот на А2, како и стечајниот управник.
Веднаш по одлуката со соопштение реагираше Самостојниот синдикат на новинари медиумски работници (ССНМ), во кое се вели:
„ССНМ е згрозен од веста за одземање на концесијата на ТВ А2 токму во период на консолидација на телевизијата која понуди можност за повторно вработување на голем број наши колеги што останаа без редовни примања по затворањето на ТВ А1. Особен револт предизвикува цинизмот во образложението на Советот за Радиодифузија за одземањето на правото на зрачење поради „непочитување на програмската шема“. Во услови кога на македонскиот медиумски пазар се кршат правилата на СРД по сите основи и тоа секојдневно, броењето на проценти на забавната програма е хипокризија која ниту се обидува да биде сокриена.
Совпаѓањето на датумот на седницата на која е донесена одлуката за одземањето на концесијата на ТВ А2 со договорот за декриминализација на клеветата нема да ја намали тежината на одуката со која редица наши колеги повторно се соочуваат со невработеност, ниту сомневањата дека станува збор за селективна примена на законите за пресметка со критичкото новинарство.
Со тоа само се потврдува продолжувањето на трендот кој ја доведува Македонија на дното на листата земји според слободата на изразувањето и социјалните права на медиумските работници.“ |