18.08.2012, 11:28 Исламисти бараат своја држава во Норвешка
Една норвешка исламистичка група се заканува со „напад 11 септември“ или со уште поголем напад од оној што на 22 јули лани го изврши масовниот убиец Андерс Беринг Брејвик
Групата, чии закани сега ги испитува норевешката тајна полиција ПСТ, се нарекува Ансар ул-Сунах и истапува со барање Норвешка да ги врати дома своите војници од муслимански земји и да ја прекине соработката со „непријателите на исламот“.
Групата ги споменува норвешкиот премиер Јенс Столтенберг, шефот на дипломатијата Јонас Гар Сторе и министерот за одбрана Еспен Барт Еиде како посебно изложени во врска со споменатите закани, а со оглед на тоа дека „тие даваат наредби за директни напади врз муслимани“.
Ансар ул-Сунах истапува и со претензии врз градскиот кварт Гронланд во норвешката престолнина Осло, каде што исламистите би сакале да воспостават своја држава.
- Не сакаме да бидеме дел од норвешкото општество. И не гледаме дека е неопходно да се иселиме од Норвешка, бидејќи сме родени и израснати овде. Алаховите зборови им припаѓаат на сите. Но дозволете ни Гронланд да биде наш, се истакнува во заканувачкото писмо на Ансар ул-Сунах.
ПСТ порано покажала интересирање околу повеќемина припадници на оваа исламистичка група, пишува норвешкиот весник „Верденс ганг“.
|