20.08.2012, 17:32 Учат лидерство од светски искуства
Трета школа за млади лидери во Охрид. Пред учесниците вчера зборуваа претседателот Ѓорге Иванов и Филип Рикер
Елена Михајловска
Охрид - Истакнати професори од странски академски институции и универзитети, успешни бизнисмени и претседатели на мултинационални корпорации и асоцијации, европски парламентарци, министри, амбасадори, ќе бидат дел од предавачите на годинешната Школа за лидери, која под покровителство на претседателот Ѓорге Иванов, третпат се одржува во Охрид.
Овој образовен проект, кој почна вчера, а ќе трае две недели, ќе опфати 40 учесници од Македонија и од дијаспората, кои се на возраст меѓу 23 и 35 години. Освен дипломирани студенти, меѓу учесниците има и професионалци чиишто сфери на интерес се цивилното општество, економијата, политиката и кои имаат желба да ги развиваат своите лидерски вештини и капацитети и да придонесат за идниот позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат.
Во текот на свеченото отворање на Школата за лидери, кое се одржа вчера, учесниците имаа можност да проследат предавања од Филип Рикер, заменик-помошник државен секретар на САД, и од Феликс Унгер, претседател на Европската академија на науки и уметности.
Школата за лидери, според Рикер, е една уникатна иницијатива, еден нов стандард и нешто што е од исклучителна важност за развој на пошироката заедница.
„Оваа иницијатива не претставува само можност за Македонија да извлече максимум од своите потенцијали и ресурси, туку таа истовремено има и значаен регионален и глобален контекст. САД активно ги поддржуваат ваквите активности, во рамки на заложбите за целосна евроатлантска интеграција на регионот“, истакна Рикер.
Претседателот Иванов рече дека на Македонија и' се потребни лидери не само во политиката, туку целосно изградени личности способни да организираат, да создаваат тимови кои ќе ја менуваат реалноста.
„Сега е време да создадеме не само иднина за младите, туку и млади за иднината, заедно со нивните идеи и иницијативи. Имаме цел да бидеме дел од Европа и да ги почитуваме европски стандарди, критериуми, вредности. Но, не треба ние да одиме во Европа, туку да ја создадеме Европа меѓу нас, да бидеме Европејци, луѓе со отворен ум кои ќе го прифаќаат она што е позитивно“, истакна претседателот Иванов во обраќањето пред учесниците на школата.
Во текот на вчерашниот работен ден предавања на Школата за млади лидери имаа и амбасадорот на САД, Пол Волерс, и амбасадорот на Велика Британија, Кристофер Ивон, кои зборуваа на теми поврзани со активното лидерство, како тоа да се спроведе во практика и како да се учи од етаблираните лидери.
Воспоставувањето на Школата за млади лидери, која се одржува трета година по ред, е идеја на претседателот Ѓорге Иванов, а како проект прв пат е инициран уште во неговата изборна програма. Првиот интензивен тренинг з�� лидерство беше организиран во август 2010 година во Охрид, под негово покровителство. Идејата е да им се овозможи на младите, талентирани и амбициозни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и менаџерски способности.
Во рамки на школата учесниците ќе имаат можност да слушаат предавања од Патрик Џефсон, поранешен личен секретар на принцезата Дајана и од Мери Џо Џекоби, која била специјален асистент на претседателот Роналд Реган и помошник- секретар за трговија на САД, во времето на Џорџ Буш. Предавање пред младите лидери ќе одржи и Курт Вокер, поранешен амбасадор на САД во НАТО и поранешен заменик-помошник државен секретар на САД.
Средба Иванов - Рикер
Стратешките цели на Република Македонија, членството во НАТО и Европската унија како највисоки приоритети, како и можноста за деблокада на интеграциските процеси, беа централни теми на вчерашната средба во Охрид на претседателот Ѓорге Иванов со Филип Рикер, заменик-помошник државен секретар на САД.
„Двајцата соговорници се согласија дека не постои одржлива алтернатива ниту за регионот, ниту за Република Македонија, освен целосна интеграција во Европската унија и НАТО“, стои во соопштението од Кабинетот на Иванов.
Рикер се заблагодарил за можноста да се разменат мислења и информации во однос на стратешките цели на Македонија, актуелните реформски процеси и особено за состојбите во регионот на југоисточна Европа.
Американскиот заменик-помошник државен секретар му упатил честитки на претседателот Иванов за неговото лидерство како во Македонија така и во регионални рамки.
|