31.08.2012, 17:11 За две години електронска наплата на патарините
Агенцијата за државни патишта засега не планира да ја поскапи патарината
Билјана Ангеловска
За најмногу две години патарините на автопатиштата низ Македонија ќе бидат целосно модернизирани и ќе работат со електронска наплата без човечки фактор. Од 1 октомври Агенцијата за државни патишта ќе го преземе управувањето со патарините од коридорите 8 и 10 од трансформираното претпријатие „Македонија пат“, со што точно 257 вработени на наплатните рампи автоматски ќе преминат во државната агенција каде што ќе бидат распределени на работни места во согласност со новата систематизација.
Како што најави директорот на Агенцијата, Љупчо Георгиевски, наредната недела завршува тендерот за електронска наплата на патарините од Коридорот 10, за што ќе биде земен заем од Европската банка за обнова и развој.
„Тендерот, всушност, ќе се реализира во две фази. Во првата ќе бараме да биде предложено решение, а потоа, откако ќе избереме што најмногу ни одговара, ќе треба да се понуди цена. Целта е наплатните рампи да бидат модерни и по европски стандарди, што значи да работат без човечки фактор, со плаќање со таканаречени смарт-карти или со банкарски картички. Смарт- картите ќе можат да се набават во повеќе услужни објекти по должина на патиштата, на бензинските пумпи, на одредени места по градовите, а доколку некој нема можност така да плати, ќе биде евидентиран на камера, по што ќе му биде доставено известување за плаќање“, рече Георгиевски и најави дека најдоцна до крајот на годината треба да се знае изведувачот, а работата на патарините од Коридорот 10 да заврши за 18 месеци.
Модернизираните наплатни рампи нема да повлечат поскапување на патарините, иако, како што нагласи директорот, Македонија има најевтини патарини. Со сегашните цени, годишно се собираат во просек по околу една милијарда денари од патарини. Од овие пари 970 милиони денари и' се префрлаат на „Македонија пат“ за одржување на патиштата.
На новите патарини ќе важат и нови „правила на игра“. Во почеток ќе бидат ангажирани сите 257 вработени што ќе бидат преземени од „Македонија пат“, а нивниот број ќе биде редуциран по три години. Тие ќе мора строго да се придржуваат кон правилникот за работа на Агенцијата за државни патишта. Дел од оние што досега работеле нешто друго на наплатните станици, сега ќе бидат ангажирани како инкасанти. Како што појасни Георгиевски, сега мора да има и резервен инкасант, раководител и помошник-раководител на секоја наплатна станица.
„Недозволиво е од четири рампи да работи само една или да се случи некоја рампа да биде подигната. Секој што нема да го почитува Правилникот, ќе биде санкциониран“, вели директорот Георгиевски и најави засилени контроли и воведување бесплатна телефонска линија за граѓаните на која ќе може да пријавуваат нерегуларности.
Агенцијата за државни патишта деновиве ќе распише и тендер за обезбедување на наплатните станици, односно за собирање на дневниот промет од наплатните рампи. Како што појасни директорот, за тоа ќе биде задолжена банка, која ќе треба да гарантира за парите и за 24 часа да ги уплати на сметката на Агенцијата.
На почеток ќе бидат модернизирани само патарините на Коридорот 10, бидејќи овој патен правец најмногу го користат странците кои патуваат од Европа кон Грција. Потоа ќе се премине и на Коридорот 8. |