26.05.2012, 20:36 Експериментот успеа, ја запревме Португалија
Фудбалската репрезентација на Македонија одигра 0:0 во пријателски меч со петтата светска селекција што се одигра во Леирија
Македонските фудбалски репрезентативци, по долго време, завршија еден натпревар со кренати глави. Пријателскиот меч со Португалија, во Леирија заврши без победник и без голови. Селекторот Џон Тошак застана зад својата определба да ги тестира младите играчи и четворица од нив стави меѓу почетните 11. Урдинов, Спировски, Ристовски и Фазли беа дел од формацијата која успешно одолеваше на Роналдо и соиграчите, особено во првото полувреме кога "селесао" имаше многу повеќе од играта. Но, македонската одбрана остана прибрана и дисциплинирана и покрај силните налети, посебно по крилните позиции каде што дејствуваа Роналдо и Кварезма. Второто полувреме македонските репрезентативци го почнаа многу посигурно и не се плашеа да изградат шанси за да го загрозат голманот Бето. Тошак во игра ги внесе Ибраими и Демири, а потоа нападот го засили и Хасани. До крајот на мечот шанса добија и Георгиевски и Мојсов. Првата убава можност за Македонија ја имаше Ибраими, само две минути откако влезе во игра (55 мин.), а веднаш потоа Шиков беше највисок по еден корнер, но ја прати топката преку пречката на португалскиот гол. Домаќините се закануваа главно со удари од далечина, но Богатинов беше сигурен. Најголемата можност на натпреварот ја имаше напаѓачот на Бенфика, Оливеира, во четвртата минута од судиското продолжение, но Богатинов ја спаси мрежата на Македонија. Селекторот Џон Тошак изрази задоволство за постигнатото но и жалење што македонската јавност немаше можност, во директен пренос, да го погледне светлото издание на репрезентацијата.
"Одигравме добар и пред се' дисциплиниран натпревар и посебно сум задоволен што видов дека младите играчи се вклопија во нашата игра. Дури мислам дека ние ги имавме подобрите шанси за постигнување гол и штета е што не реализиравме барем една, но нерешениот резултатот 0:0 за нас е многу позитивен. Сепак, овој меч заврши и веќе се подготвуваме за следниот, против Ангола. Само морам да потенцирам дека многу ми е жал што луѓето во Македонија немаа можност да го гледаат во живо овој извонредно важен натпревар со петтата селекција во светот", изјави Велшанецот.
Пред почетокот на пресметката која ја следеа околу 20 000 гледачи, раководството на ФФМ му го врачи на Иван Тричковски признанието за најдобар македонски фудбалер во странство за 2011 година. Кристијано Роналдо лично му честиташе на нашиот репрезентативец, во име на португалската федерација.
Експедицијата денеска се сели во Есторил каде ќе се подготвува за дуелот со Ангола, закажан за утре во 17 часот. Попладнево ќе го одржи првиот тренинг, а вториот утре во 10,30 часот. По поразот ��д Луксембург (1:2), ова е позитивен пресврт за нашата репрезентација, но сите во црвено-жолтиот табор ќе мора да потврдат дека не се работи само за лош ден на Португалија, на натпреварот со Анголците. Ако и втор пат помине експериментот со играчите од младинската селекција тогаш националниот тим ќе има чувствително засилување на конкуренцијата за репрезентативен статус, во септември, на почетокот од квалификациите за СП во 2014.
Бенто: „Ова беше фер резултат"
Португалците очекуваат многу од својата репрезентација на ЕП во Полска и во Украина и затоа публиката во Леирија не беше задоволна со она што го виде на мечот против Македонија. Роналдо и соиграчите беа исвиркани на крајот од мечот, а на ѕвездата на Реал Мадрид тоа не му се допадна. "Не е никаква трагедија што не сме ја победиле Македонија, бидејќи тие паркираа два автобуса пред својот гол. Не ни требаат свирежи туку поддршка. Важно е да победиме на првиот натпревар на ЕП, ова е само прв подготвителен натпревар", се огласи Роналдо. Селекторот Пауло Бенто многу поаналитички се осврна на натпреварот. "Сакавме само да го тестираме она што го работевме во текот на неделата. Почувствувавме тешкотија во играта, особено во првото полувреме игравме бавно. Во вториот дел го засиливме темпото, но ни недостасуваше завршница. Имајќи предвид како одигравме и земајќи го отпорот на Македонија ова е фер резултат. Не ми се допаѓа, но и не ме загрижува. Сепак, посакував да победиме", заврши португалскиот селектор. (В.А.)
|