20.09.2012, 15:39 Хрватски пилоти ги извлекле македонските војници во Кабул
Хрватските пилоти успешно евакуирале 38 припадници на војските на балканските земји во исклучително сложени услови од базата Џулиен во Кабул
Хрватските пилоти, кои работат како инструктори во школата за Воена полиција во Кабул, објави хрватски „Јутарњи лист“, успешно евакуирале 38 припадници на војските на Хрватска, Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и на Албанија, во исклучително сложени услови од базата Џулиен во Кабул.
Извлекувањето било извршено со позајмен хеликоптер од авганистанската војска Ми17, а војската на САД дозволила нивни војници да полетаат со овие хеликоптери како обезбедување.
Префрлувањето на војниците во базата Баграм било извршено со два лета и траело половина час. По доаѓањето во Баграм, војниците се префрлени со транспортен авион кон Киргистан, а оттаму ќе се вратат во матичните земји.
Целата драма, пишува весникот, започнала во вторникот наутро кога 38 припадници на Воените полиции од балканските земји требало да бидат префрлени од базата Џулиен во базата Баграм, а оттаму да се вратат во своите земји. Протестите на локалното население против филмот „Невиноста на муслиманите“, биле причина меѓународните сили и базите во кои се сместени да бидат мети на терористички напади, а безбедноста да биде подигната на највисоко ниво.
Поради тоа, американската војска, објави хрватскиот весник, донела забрана за полетување на нивните хеликоптери во базата Баграм, со што било оневозможен транспорт на војници кои се нашле заробени во базата. Се разгледувала можноста да бидат транспортирани со оклопни возила низ Кабул, но и таа опција била отфрлена поради тоа што војниците ќе биле лесна мета за терористите. Откако биле отфрлени повеќе опции, хрватската команда во мисијата донела одлука транспортот да го извршат хрватските инструктори за летање на аеродромот во Кабул.
Од македонското Министерство за одбрана нагласуваат дека сите македонски војници се добро и дека утре треба да пристигнат во Скопје.
Генералштабот на АРМ денеска ја информира македонската јавност дека 8 - те припадници на македонскиот контингент на АРМ, кој ја извршуваше свјата должност во Авганистан во рамки на мисијата за тренинг и обука на авганистанските пирпадници на воената полиција заедно со припадницитен а хрватската војска се здрави и живи и се очекува тие да пристигнат во Македонија во текот на утрешниот ден.
Од ГШ на АРМ нагласуваат дека настанот кој се случил во вторникот на 18 септември е редовна процедура од транспортот на силите за вррме на ротација на контингентите.
Инаку, кумано��ецот кој минатата недела беше ранет во Авганистан во базата Ледернек е на лекување во Дубаи. Ова им го кажал ранетиот Тони Атанасовски на своите родители во телефонски разговор.
Базата Ледернек била нападната минатиот петок од Талибанците во време кога 39 годишниот Тони Атанасовски ги превезувал со автобус американските војници и колегите од Босна. Во кругот на базата дошло до престрелка меѓу Талибанците и американската војска. Атанасовски иако бил ранет, успеал со дупнати гуми на возилото да се оддалечи од местото на престрелката и да ги спаси останатите повредени во автобусот раскажуваат родителите на Тони. Тој е на печалба во Авганистан веќе две години, а на 8 септември потпишал договор за работа за уште една година преку американската фирма ДајнКорп. |