13.02.2012, 17:11 Андрески бара Тодоровиќ да му ги исполни замислите за Универзитетот
Во Општина Центар потврдуваат дека сопственикот барал корекции на ДУП-от, но не откриваат какви
Деспина Трајковска
Бизнисменот Бојо Андревски очигледно, полека, но сигурно, се подготвува да интервенира на објектот во кој е сместен Европскиот универзитет. Дали ќе го урива целосно, ќе го пренаменува во хотел или нешто трето што досега го нема кажано како бизнис-опција во јавноста, допрва ќе се знае. Додека тој донесе конечна одлука што ќе прави со објектот, општинарите од Центар ќе пресечат дали ќе му излезат во пресрет на неговите барања за кои тие имаат надлежност.
Од Општина Центар потврдуваат дека сопственикот на парцелата, Бојо Андрески, доставил одредени забелешки на Деталниот урбанистички план, кој го третира предметниот објект во кој работи Универзитетот, и сега ја потврдува неговата образовна намена и постојна катност. Дали Андревски бара пренамена на објектот што ќе му овозможи отворање на хотел во истиот објект, а истовремено и градежна интервенција, надлежните не откриваат. Велат, ќе кажеле кога комисијата ќе одлучи дали и кои забелешки ќе ги прифати.
„Има забелешки на јавната анкета од страна на сопственикот на парцелата. Комисијата во моментов ги разгледува и откако ќе одлучи дали ќе бидат прифатени или не, ќе биде објавено за кои, односно за какви точно забелешки се работи. Пред да донесе одлука, комисијата не може ништо да објави“, одговорија вчера од Центар.
Минатата недела сопственикот на Европски универзитет потврди дел од шпекулациите дека крои нови бизнис-планови, односно зградата на Универзитетот, чиј сопственик е, планирал или да ја урне или да ја пренамени во хотел, што би му овозможило други приходи и редовен извор на пари за бизнисите.
Инаку, од Асоцијацијата на архитекти објаснуваат дека доколку сопственик одлучи да урива објект и на негово место да гради нов, кој во габарит го надминува постојниот и она што е зацртано со важечкиот ДУП, задолжително ќе мора да поведе постапка за измена на планот.
„Дури и да не се урива објектот, туку само да се менува неговата намена, во Законот за градење е точно пропишана постапката за пренамена. Односно, планот, исто така треба да се менува доколку новата намена не е приближна со постојната“, велат од ААМ.
Во тој случај, доколку Андрески одлучи делумно или целосно да го пренамени објектот на сегашниот Универзитет во хотел, тој ќе има обврска да изготви и нов проект за него, имајќи предвид дека станува збор за специфична намена која има конкретно пропишани стандарди за паркинг-места, пристап до објектот...
Инаку, објектот, кој всушност е дел од некогашниот комплекс на НИП „Нова Македонија“ не е заштитен објект како споменик на култура, иако е стар неколку децении и имаше впечатлива фасада и значење за ликот на центарот на Скопје. |