13.01.2013, 17:23 Докузовски и Лукоил пријателски се разделија
Искусниот стратег во договор со првиот човек на бугарскиот шампион одлучи дека дојде вистинскиот момент за разделба со клубот со кој доминираше во тамошното првенство
Поранешниот селектор на македонската кошаркарска репрезентација Марин Докузовски и Лукоил Академик ставија крај на долгогодишната соработка.
Искусниот стратег во договор со првиот човек на бугарскиот шампион Валентив Златев одлучи дека дојде вистинскиот момент за разделба со клубот со кој доминираше во тамошното првенство. Иако раскинувањето на договорот дојде веднаш по поразот со Левски во дербито на ��угарскиот шампионат (85:78) и тамошните медиуми потенцираа дека македонскиот стратег е во лош однос со управата, сепак разделбата на Докузовски и Златев е пријателска.
„Одлучив дека сега е најдобро време за разделба со Лукоил Академик. Разговарав со Златев, како и секогаш наидов на големо разбирање. Оваа разделба е пријателска и не може да биде поинаква бидејќи станува збор за едно големо почитување меѓу мене и управата на клубот“, ни потврди Марин Докузовски.
Во таборот на најтрофејниот бугарски табор Докузовски првпат дојде во сезоната 2005-2006 по што веднаш го освои домашното првенство и Купот. Искусниот стратег со „студентите“ остана уште една година во која го повтори истиот успех, ги одбрани двете круни. По едногодишна пауза (беше дел од Работнички), поточно по освојувањето на историското четврто место со македонската кошаркарска репрезентација на ЕП во Литванија 2011 година и покрај понудите од звучни европски клубови Докузовски повторно се одлучи за Лукоил Академик со кој минатата сезона повторно ги освои двата пехари во Бугарија.
Оваа сезона покрај мечевите од домашното првенство со својот тим настапуваше во Еврокупот каде што беа елиминирани. (М.К.) |