13.11.2011, 17:54 Сакам да се убијам, сакам и да живеам!
Повеќе не е табу да се појде кај психијатар и да се побара помош за надминување на психичката напнатост и на нервозата
Киро Кипроски
ГОСТИВАР - „Си поигрувам со животот. Понекогаш ми доаѓа да се самоубијам, сакам веднаш да умрам, да не постојам. Не сакам да се мачам, сакам да избегам од реалноста. Но, само неколку минути потоа добивам желба да живеам, да им се радувам на убавините на животот, но поинаку од досега. Животот е преубав, затоа помогнете ми да живеам поинаку од сега, да се вратам во колосекот како сите нормални луѓе!...“ Со вакви проблеми и молби за помош се обратиле голем број млади до Елизабета Јовицкоска, психијатар во гостиварската болница, особено тинајџерки што се обиделе да си го одземат животот со труење или, пак, со бесење.
За осумте месеци од годинава, во гостиварскиот регион, според податоците на СВР Тетово, биле регистрирани три самоубиства и над 20 обиди за самоубиство, најчесто со труење со таблетки и со други хемикалии, а мината година се самоубиле седум лица.
Најчести мотиви за посегање по сопствениот живот кај младите во гостиварскиот регион се невозвратена љубов, малтретирање од страна на домашните, суров однос во семејството, слаб успех во училиштето или неостварени желби. „Повозрасните се одлучуваат на овој драстичен чекот во случај на прељуба, долгови, нарушеното здравје, неснаоѓањето во транзицијата, семејно насилство, алкохолизам и други пороци“, вели психијатарот Јовицкоска. Личноста свесно ја избира смртта, не можејќи на друг начин да го разреши конфликтот во емоционално неиздржливи и безнадежни состојби, неподносливи болки при болест, семејни конфликти, бегство од казна... При депресивно расположение се присутни идеи на безвредност, чувство на виновност (реално или замислено), доживување на губиток на некој објект и зголемената анксиозност и агресивност што учествуваат во реализацијата на суицидот, укажуваат психијатрите.
Нашата соговорничка Јовицкоска вели дека последниве години повеќе не е табу да се појде кај психолог или кај психијатар и да се побара помош за надминување на психичката напнатост и нервоза. Пациентите бараат начин да им се помогне како да ги надминат семејните проблеми и недоразбирања, а при тоа од мислите да ги оттргнат чувствата дека единственото решение, односно спасот, е да се посегне на сопствениот живот. „Од постојаните контакти, мошне е голем процентот на излекувани пациенти што ги применуваат нашите совети“, укажува таа.
Социјално-економските фактори, осиромашувањето на голем дел на семејствата, темпото на живеење, промената на начинот на живеење и нарушените семејни односи се најчестите причини за зголемениот број лицата што посегнуваат по сопствениот живот, смета прим. д-р Тода Крстеска, специјалист по социјална медицина. Посегнувањето по сопствениот живот најчесто се извршува со труење, бесење или, пак, со огнено оружје. Се случува тогаш кога личноста не може да го реши проблемот сама, во отсуство на помош и на внимание на најблиските, колегите или, пак, во училиштето. Во конфликтни ситуации, нестабилните личности бегаат од реалноста и спасот го бараат во дрогата или со испивање на поголема количина седативи за смирување.
Во изминативе дваесет години на транзиција, според д-р Крстеска, општеството многу малку или воопшто нема покажано соодветна активност во разрешување на овој проблем, кој од година во година станува се' поприсутен, како во урбаните така и во руралните средини. Преземање на превентивни мерки се неопходни за надминување на социјалната положба на граѓаните, а на младите да им се создадат соодветни услови слободното време да го минуваат квалитетно во задоволување на своите потреби, според својот афинитет и талент.
„Позитивно е што се градат спортски сали, фудбалски игралишта, тениски игралишта. Со квалитетно исполнето слободно време на младата популација, со подобрување на педагошко-психолошкото образование, постојана работа на психолозите со проблематичните ученици и со зајакната едукација на децата во пубертетска возраст, може да се придонесе за намалување на бројот на лицата што ќе посегнуваат по сопствениот живот“, укажува д-р Крстеска. |