13.03.2012, 18:01 СДСМ во Охрид остана без простории
Охрид - По половина век поминат во објектот познат како „Кај комитетот“, Општинската организација на СДСМ наскоро ќе мора да ги пакува куферите. Како што јавува охридското Супер радио, откако со денационализација куќата им била вратена на сопствениците кои живееле во Белград, тие ја продале на една позната охридска градежна фирма за еден милион евра. Неофицијално се зборува дека фирмата планирала да подигне хотел на тоа место, бидејќи станува збор за една од најатрактивните локации во градот.
Просториите треба да се испразнат најдоцна за еден месец. Од раководството на ОО СДСМ засега не кажуваат кога треба да се иселат, ниту, пак, откриваат каде ќе биде лоцирано новото седиште. Претседателот на ОО СДСМ Охрид, Науме Јованоски, потврди дека такви најави стигнале и до нив, а тие за скоро време ќе донеле партиски став за целата работа.
„Треба да ги разгледаме сите можности по најавите и ништо чудно набрзо да се случи и селење од просториите во кои сме сега. Но, засега немаме конкретна информација. Тука сме под кирија и ако треба, ќе се иселиме. Имаме договор кој треба да го почитуваме, а истекува за кусо време“, вели Јованоски. (В.М.) |