13.03.2012, 18:03 СДСМ на протести во Аеродром...
Социјалдемократите ќе протестираат пред општинската зграда во Аеродром, в петок навечер, бидејќи, како што тврдат, биле оневозможени да одржат трибина во таа општина.
Портпаролот на СДСМ, Емилијан Станковиќ, изјави вчера дека трибината требало да се одржи денеска, во објект на приватна фирма.
„И покрај претходно договореното и уредно уплатените средства за наем на салата, бевме известени дека договорениот простор се откажува. Сопствениците на приватните фирми се исплашени јавно да проговорат какви притисоци трпат од страна на ВМРО-ДПМНЕ и нејзините градоначалници“, вели Станковиќ.
Според него, Груевски и градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ се плашеле од големиот одѕив на трибините на претседателот на СДСМ, Бранко Црвенковски. Затоа, како што рече, градоначалниците добиле наредба да ја сменат стратегијата и сега се обидувале, со злоупотреба на власта, да ги саботираат новозакажаните трибини.
Поради тоа, СДСМ ќе организира протест во Аеродром, од каде што ќе се испрати порака дека „самоволието на ВМРО-ДПМНЕ е недозволиво“. (П.Р.) |