13.03.2012, 18:17 Бранко Црвенковски во Струга
Меѓуетничките тензии се опасна игра
Струга - Лидерот на опозицијата, Бранко Црвенковски, од собир во Струга повика граѓаните да се приклучат во битката за уривање, како што рече, на ненародната власт на ВМРО-ДПМНЕ. Тој зборуваше пред неколку стотици члена и симпатизери на СДСМ за актуелните случувања во Македонија.
Црвенковски го повтори пред приврзаниците веќе познатиот став дека власта свесно ги кочи евроатлантските процеси, обвинувајќи ги за изолационизам.
„Спорот со Грција е само изговор за власта која не сака да влеземе во НАТО, ниту да почнеме преговори со ЕУ. Тие не сакаат контрола од надвор, не сакаат мониторинг. Тогаш нема да им дозволат да се затвораат медиуми, да се апсат луѓе, да се злоупотребуваат судовите, да се градат споменици, да има вака високо ниво на корупција“, обвини Црвенковски.
Тој упати жестоки критики за практикувањето на правниот систем, односно за непочитување на законите од страна на власта.
„Демократските процеси назадуваат, додека во слободата на медиумите бележиме пад од 60 места и сега се наоѓаме во друштво со африканските земји“, потенцираше Црвенковски.
Лидерот на опозицијата посебно се осврна на меѓуетничките односи, обвинувајќи ја актуелната власт дека не направи ништо за нивно подобрување, како и за намалување на тензиите.
„Меѓуетничките тензии се многу опасна игра која може да го загрози опстанокот на нашата држава. Затоа постојано повикуваме да се смират страстите, тие никому не му носат добро. Најголема е одговорноста на институциите, кои треба да ги превенираат инцидентите, а кога веќе ќе се случат, брзо да ги откријат виновниците, да ги санкционираат за да не се охрабруваат и други“, потенцираше Црвенковски. (В.М.)
|