20.05.2012, 19:00 Атина прогнозира неуспех за Македонија во Чикаго
Пропаднало барањето за лидерска средба со Западен Балкан, а неуспех ќе доживее и барањето да се вклучи Хашката пресуда - прогнозираа во Грција
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Грција е уверена дека големите играчи од НАТО на Самитот во Чикаго нема да и' приредат непријатно изненадување во врска со членството на Македонија. Напротив, постои цврста убеденост дека членките на Алијансата ќе изразат солидарност со Грција и грчката економска и политичка нестабилност со тоа што нема да го покренат прашањето за Македонија. Новиот министерот за надворешни работи Петрос Моливијатис пред грчко-американската заедница во Чикаго порача дека, и покрај длабоката економска криза, Грција може успешно да се справи со сите предизвици од надворешната политика.
„Убедени сме дека лидерите на НАТО ќе испратат уште еднаш една позитивна, но и јасна порака до нашите северни соседи дека вратата на НАТО е отворена, но дека пред тоа мора да се исполнат предусловите кои ги има поставено Алијансата“, потенцира Моливијатис. Тој беше шеф на дипломатијата во владата на Костас Караманлис кога САД ја признаа Македонија под уставното име.
Грчкиот весник „Катимерини“ пренесува дека големите сили ќе одговорат негативно на притисокот за отворање на прашањето за покана на Македонија во НАТО. Весникот забележува дека Грција покрај економската и политичката криза, се соочува и со проблемот што на самитот оди без влада и без да биде претставувана од претседателот или премиер.
„Економски ослабената Грција оди на овој НАТО-самит во Чикаго за да се одбрани од обидите на Скопје со поддршка на Турција да ја смени одлуката од Букурешт и да ја турне напред процедурата за нивно членство во НАТО. Поради комплексноста на ситуацијата во која се наоѓаме, Грција е единствена која на НАТО-самитот нема да има претседател на држава или влада. Иако министерот Моливијатис има искуство, сепак испраќањето претставници од институционално понизок ранг не ни помага“, пишува „Катимерини“. Сепак, се забележува дека меѓународната економска нестабилност и' е сојузник на Грција, затоа што и САД и Европа се загрижени за можните последици од излегувањето на државата од еврозоната. Одлуката на Алијансата и изјавите на генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмунсен, дека Македонија ќе добие покана штом го реши проблемот, според весникот се успех на грчката дипломатија која издејствувала да остане во сила одлуката од Букурешт.
„Пропадна и обидот да има средба на лидерите на членките на НАТО со оној од државите од Западен Балкан, и наместо тоа ќе има само средба на министерско ниво на 28-те држави на Алијансата со нивните колеги од државите-кандидатки БЈРМ, Босна, Црна Гора и Грузија“, пишува весникот. „Катимерини“ забележува дека веројатно нема да помине ни барањето на претседателот Ѓорге Иванов одлуката од Хаг за грчкото прекршување на Привремената спогодба да биде вклучена во заклучокот од Самитот во Чикаго. |