20.05.2012, 18:57 Во Македонија нема радикален ислам
„Во Македонија нема радикален ислам“, вели претседателот на опозициската ДПА, Мендух Тачи, во интервју за Радио Слободна Европа. Тој вели дека ова прашање кај нас се поттикнува само за политичко поентирање.
„Можам одговорно да тврдам дека во Македонија нема радикален ислам, а изјавата на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска дека извршителите на убиството кај Смилковско Езеро се радикални исламисти е смешна, помалку трагична и служи за заплашување“, рече Тачи.
Тој истакнува дека ако извршителите се радикални исламисти, тогаш таа организирана структура на која наводно и припаѓаат повторно би можела да изведе слична акција. Тачи ја прашува Јанкулоска зошто не кажува кој е концесионер на езерото и дали тоа може да биде банален конфликт. Лидерот на ДПА смета дека случувањата по убиството се сценарио на владејачката коалиција. „Коалициските партнери да ни поглумат малку тензија, да не' убедат дека сме во опасност, да ја убедат или принудат меѓународната заедница да не' примат во НАТО. Кога видоа дека овие работи можат да станат многу сериозни, наредија да се повлечат луѓето што ги инструирале ваквите манифестации“, вели Тачи.
На прашањето дали ќе се приклучи на некој од опозициските блокови
Тачи вели: „Јас како лидер на опозицијата на Албанците не можам да прифатам и не ми дозволуваат тие гласови што ги имам да се ставам под чадор на некој друг лидер. Ние не можеме да се приклучиме, затоа што ние уште потврдуваме дека тука има и етничка опозиција, ДПА е етничка опозиција“. |