20.05.2012, 19:01 Поглед
Капа долу за Челзи
Сашко Ѓ. Димовски
Челзи ја поби легендарната и култна изјава на Гери Линекер дека „фудбалот е игра во која секогаш победуваат Германците“ и стигна до престижниот трофеј во Лигата на шампиони на УЕФА. И тоа против германски клуб и на германски тревник. Тимот од Лондон го надмина проклетство пред четири години кога Тери беше трагичар во дождовната московска вечер против Манчестер јунајтед и по подобро изведување на пенали се искачи на врвот на Европа. „Сините“ имаа повеќе нерви и концентрација и на крајот сосема заслужено го подигнаа популарниот „пехар со уши“.
За успешната приказна на „Стемфорд бриџ“ можеби „највиновен“ е Роберто ди Матео. Италијанецот наследи дисхармоничен колектив од Андре Вилјаш Боаш и за само три месеци ги подреди коцкичките и состави победнички мозаик на огромно задоволство на рускиот милијардер Роман Абрамович. И секако Дидие Дрогба, човекот кој обезбеди продолженија, а подоцна беше потписник и на решавачкиот удар од белата точка.
Магијата на Лигата на шампиони ја зафати целата планета за нова потврда дека фудбалот е најважна споредна работа во светот. Имуни на фудбалската треска не е останаа ниту актерите во групата Г-8 во Кемп Дејвид, кои во квечерината пред Самитот на НАТО во Чикаго одвоија време за заедничко следење на пресметката за највредниот клупски трофеј во Европа.
Финалето на ЛШ во Минхен е само загревање за она што не' очекува за нецели три недели. Се ближи Европското фудбалско првенство во Полска и Украина, кое без сомнение носи нова шанса за социјален континуитет на личноста, групно следење на мечевите, многу забава, еуфорија, навивање. Притоа некој ќе се радува, а некој ќе тагува, во зависност од резултатскиот ефект на својот фаворит. Но, едно е сигурно. Сите ќе уживаме.
|