14.10.2012, 17:40 Само државата може да штеди во злато, не и граѓаните
Информациите дека во светот се зголемуваат резервите во злато, ја отворија дилемата зошто само државата може да штедат во злато, а не и македонските граѓани
Соња Маџовска
Информациите дека во светот се зголемуваат резервите во злато, повторно ја отвори дилемата зошто само државата може да штедат во злато, а не и македонските граѓани. Зошто вишокот пари да не се инвестираат во златни прачки во сеф наместо да се чуваат само како заштеда во банка?
Златен ѓердан, бурми, обетки, златни парички за свадби, свршувачки, крштевки, за различни свечености. На ова се сведува намената и симболиката на златото кај нас.
Додека македонските граѓани ги чуваат парите во банка, со што депозитите се искачија до близу три милијарди евра, аналитичарите сметаат дека има потенцијал за пренасочување на дел од овие пари во инвестиции.
Надвор од Македонија, на вложувањата во злато и на купувањето акции на странските берзи, се гледа како на добра инвестиција. Златарите сметаат дека доколку се дозволи инвестирање во злато во земјава, интересот ќе биде голем. И тие се заинтересирани за ваков тип вложувања. „Има клиенти кои прашуваат дали може да купат необработено злато. Сме имале понуди и да ни го откупат златото што го носиме од други држави, но тоа не ни е во интерес. Инаку, за златниот накит падната е побарувачката во земјава“, вели Мухамед Синани, златар од Куманово.
Законите во земјава ги ограничуваат македонските граѓани во поглед на инвестирањето. Не им е дозволено да купуваат инвестициско злато, а не смеат да играат ниту на странските берзи. Според експертите, тоа е последица на стравот на властите да не се одлеваат девизи од земјава.
Тие одамна повикуваат дека Македонија треба целосно да го либерализира финансискиот пазар и да може слободно да се тргува со финансиски инструменти. Односно дека треба да се овозможи тргување на светските берзи и можност за инвестирање во злато. Од Министерството за финансии велат дека не се предвидени измени на Законот за девизно работење, кој ги ограничува македонските граѓани во инвестирањето, според нив не само овој закон, за да се либерализира пазарот треба да се промени и Законот за трговија, кој исто така забранува поединци да увезуваат злато.
„Цената на златото веќе е доволно висока. Таа се движи до 1.800 долари за унца. Доколку македонските граѓани имаат можност да инвестираат во овој благороден метал, интересот би бил голем. Вложувањата на Инвестициските фондови во акции на златни рудници од 2009 до 2011 резултираше со одлична заработка“, вели Коста Костадиновски од „Илирика“.
Според Светскиот совет за злато, само во вториот квартал од годинава Народните банки низ светот купиле 157,5 тони злато што е за 65 отсто повеќе од првиот квартал. Грција, на пример, има најмногу резерви во злато од регионот. Поседува 110 тони злато и е на 32. место во светот. Од регионот на листата се наоѓаат и Босна и Херцеговина со 2 тона злато на 93. место, Србија на 59. место со 14,8 тони злато, а со 3,2 тони злато е Словенија, додека пак, Бугарија е на 47. место со 39,9 тони злато. На врвот на листата се САД, кои имаат 8.133 тони злато од кое 75,4 проценти е во девизни резерви, Германија со 3.395 тони, Кина со 1.054 тони, Русија со 936,7 тони, Јапонија со 765,2, Холандија со 612,5 и Индија со 557,7 тони злато.
Резервите во злато - 300 милиони евра
Деновиве беше објавено дека според Светскиот совет за злато, Македонија е на 75. место со 6,8 тони злато, или 13,6 проценти од девизните резерви се чуваат во злато.
Податоците на Народна банка на Македонија покажуваат дека заклучно со третиот квартал од годинава, девизните резерви изнесуваат 2,103 милијарди евра. Од нив на монетарно злато отпаѓаат 300 милиони евра, на депозити 248 милиони евра, а најголемиот дел од девизните резерви, или 1,5 милијарди евра се инвестирани во хартии од вредност.
|