18.05.2012, 17:19 Стопанска банка финансира грандиозен станбен комплекс
Зградите се во близина на поранешната фабрика „Алумина“, а во нив се нудат станови од 45 до 100 квадратни метри, по цена од 1.100 до 1.250 евра
Нина Нинеска-Фиданоска
Нов престижен станбен комплекс од шест згради никнува во главниот град, лоциран во близина на поранешната фабрика „Алумина“. Стопанска банка Скопје одобри кредит за изградба на проектот „Гранд престиж“, чии инвеститори се компаниите „Импексел 2“ и „Еуро актива“, а во наредниот период ќе ги кредитира и граѓаните што ќе одлучат да купат стан од овој комплекс.
Станува збор за станбен комплекс од 80.000 квадратни метри, а целосната финансиска конструкција за него изнесува над 60 милиони евра. Две од станбените згради се во финална фаза на изградба, така што првите станари ќе можат да се вселат веќе до крајот на годинава. Во процес на подготовка е изградбата на уште четири згради, со што проектот ќе го добие крајниот планиран изглед.
Генералниот директор на Стопанска банка, Глигор Бишев, кој вчера со инвеститорите потпиша Меморандум за долгорочно партнерство, изјави дека финансиската поддршка што ја обезбедува банката за овој проект е доказ дека таа ги следи сигналите од Народна банка на Македонија за зголемување на кредитирањето. „Често ме прашувате дали банките во Македонија ќе ги следат сигналите на монетарната политика. Ова е доказ дека ние тоа го направивме уште многу порано, пред да се намалат каматните стапки и централната банка да ги ограничи аукциите на благајничките записи“, потенцира првиот човек на Стопанска банка.
Комплексот ќе нуди станови со различни димензии, меѓу 45 до 100 квадратни метри, а цената зависи пред се' од учеството ш��о можат да го обезбедат клиентите. Во првите две згради цените се движат од 1.150 евра за квадратен метар, до 1.250 евра. Во следните 4 згради цената од почеток на градбата ќе изнесува околу 1.100 евра, што повторно ќе зависи од висината на учеството.
Стопанска банка ќе понуди најповолни услови за клиентите заинтер��сирани својот нов дом да го имаат токму во комплексот „Гранд престиж“. За таа цел, на објектот ќе биде отворен и посебен шалтер на банката, кој ќе ги опслужува клиентите во целиот процес на купување на новиот дом, и ќе ја нуди неопходната поддршка. „Секој што ги исполнува кредитните услови на банката и сака да купи стан, ќе може да добие станбен кредит од Стопанска банка“, објасни Бишев.
Со реализацијата на овој проект, во следните три години Скопје ќе добие современ станбен комплекс, по примерот на светските метрополи.
„’Гранд престиж‘ ќе биде токму тоа што го кажува името, грандиозно престижен станбен комплекс, кој веќе почна да собира награди и признанија. Во 2011 беше прогласен за ’Проект на годината‘, а се надеваме дека главното признание ќе го добие од првите жители на проектот, кои треба да се вселат веќе на крајот на годинава. Пред нас останува предизвикот за просторно уредување, кое предвидува детски игралишта, клупи, патеки, зеленило“, нагласи Нухи Алиу, сопственик на „Еуроактива“.
„Со ’Гранд престиж‘ презедовме голем чекор напред на полето на градежните зафати, со кои како инвеститори имаме искуство веќе 20 години. Овој комплекс има комплетно урбан простор, кој ќе понуди нов стил на живеење, според светски стандарди. Поддршката што ја добивме од Стопанска банка како најдобар бизнис-партнер и пријател е гаранција за навремена и целосна реализација на проектот“, изјави Наим Усеини, сопственик на „Импексел 2“, додавајќи дека за во иднина подготвуваат и нови проекти, за кои повторно ќе бараат поддршка од Стопанска банка.
|