Архива Контакт Редакција Маркетинг Претплата
Барај
период од-до
-
Печатено издание
Политика Македонија Економија Хроника Коментари Свет Култура Спорт Скопје Забава Хороскоп Саботен магазин
Саботен магазин
24.02.2012, 18:45

Репортажа: Јабланица - Живот под два метра снег

Населението од Јабланица преживеа голема голгота. На надморска височина од 831 метар, повеќе од 300 жители на селото секојдневно се борат со снегот и студот, но и со недостиг од храна, огрев и лекови

Веле Митановски

Малкумина до оваа зима, кога ќе ја слушнеа именката Јабланица, помислуваа на истоименото село. Најголемиот број ја знаеја планината Јабланица, во југозападниот дел на земјата, меѓу Охридско-струшката и Дебарската Котлина, западно од реката Црн Дрим и на 14 километри оддалеченост од брегот на Охридско Езеро. Една од највисоките планини во Република Македонија, со највисоката точка од 2.257 метри.

Јабланица оваа зима стана топ-тема во македонските медиуми, токму поради зимата, каква што жителите не паметат 66 години наназад. Особено што дебелата снежна покривка не им донесе само бела снежна убавина, туку и вистински бел кошмар. Помладите жители од селото не се сеќаваат на вакво снежно невреме. Постарите, пак, велат дека Јабланица била вака завеана во снег пред близу седум децении. Најстарата жителка, 88-годишната Јорданка Долинска, памети како тогаш се справувале со снежното невреме.

„Се сеќавам како пред 66 години на рамо носевме шума за прехрана на добитокот. Претходно се кастреше шумата, а пат правеа мажите. Се береа сите од селото и ја правеа патеката нагоре до лисниците (копи од исушени дабови гранки)“.

Сепак, кошмарните денови и животот под два метра снег, засекогаш ќе ги запамети средовечниот јабланчанец Васил Пантелешески. Овој февруари можеше да биде кобен за неговото семејството. Сепак, благодарение на МВР, Центарот за управување со кризи и пожртвуваноста на соселаните, спасен му е синот Љупчо на 35 години.

„Човекот не можеше да издржи повеќе, ако останеше само уште една вечер, ќе умреше. Благодарение на акцијата со хеликоптерот тој е спасен. Многу сум благодарен за тоа, сите ми помагаа, сите од селово беа излезени. Љупче има мало дете и жена, па му е потребна помош и затоа треба постојано да има булдожер кој ќе чисти до Јабланица. Не само за него. Во селото има доста хронично болни луѓе. Единствениот лекар од селската амбуланта не може да стигне до сите, куќите се завеани и раштркани на голем простор“.

Братот на Љупче Пентелешоски, Нелко, кој го чисти снегот на покривот на куќата, за неговиот брат Љупче вели:

„Моментално е подобар. Се потрудија сите, особено МВР, помогна народот, телевизиите и весниците. Сега е подобро, згрижен е во Струга во болницата, има подобрување и докторите се надеваат на подобро“.

Поради високата снежна покривка во селото со денови не можеше да биде погребана 88-годишната Евдокија Кленкоска, која почина завеана, а соселаните ја открија неколку дена по смртта. За ова што се случуваше некој ќе мора да понесе одговорност, убедени се жителите од Јабланица, планинско село со нешто повеќе од 300 жители.

„Се обративме на многу места, ама немаше никој слух за нас. Ниту од Општина Струга, ниту од кризниот штаб. Издржавме многу големи тешкотии, имавме еден тешко болен 35-годишен маж и една мртва жена премрзната од студ. Патот е сега прооден, но ние се' уште сме затрупани. Сите куќи од сретсело во радиус од 2 километри, три маала живеат отсечени. Училиштето не ни работи затоа што децата што се од горна маала (Дејкоска и Шаиноска Маала) не можат да стигнат до болница и до училиштето. Ќе се консултираме, ќе бараме адвокат, ние се надеваме дека сме на вистинската страна. Ќе бараме некој да понесе одговорност за ова. Срамота е, со натчовечки напори ја погребавме жената во два метри снег“, вели Перо Пејчиноски.

Сега, најголем приоритет за населението во Јабланица, но и во цел Долни Дримкол е да се чисти патот и постојано да биде прооден.

„Најголем приоритет е да работи амбулантата што, за среќа, ја имаме. Лекарот ни доаѓа на повик, отвора, ја држи амбулантата со судни маки. Приоритет за Јабланица е, исто така, да ни се исчистат патиштата“, додава Пејчиноски.

Д-р Боро Будиноски со напор, ентузијазам и професионална посветеност ја опслужува селската амбуланта. Велат дека само селските лекари работат 24 часа во денот и ноќта. Овој лекар тоа го докажува на дело, низ сопствениот пример.

„Во селото живеат претежно стари лица, кои се хронично болни. Сериозен проблем е што при така високи снежни наноси и голема раштрканост на куќите на голем простор, комуникацијата е практично невозможна“, вели д-р Будиноски.

Населението од Јабланица преживеа голема голгота. Таму само четворица жители работат во државните институции. Редовни примања имаат и пензионерите. Другите се снаоѓаат како знаат и умеат. На надморска височина од 831 метар, над 300 жители на селото Јабланица секојдневно се борат со снегот и студот, но и со недостиг од најосновното - храна, огрев и лекови. Пред да им го пробијат патот, десетина дена жителите на ова струшко село беа без електрична енергија и беа отсечени од сите населени места.

„Храна имаат помоќните семејства, посиромашните немаат, додека тие што се постари се останати без помош. Многу често и телефоните не работеа затоа што станицата е сателитска и се напојува со електрична енергија. Штом нема струја и таа престанува да функционира“, вели за „Утрински весник“ Илчо Цоклески, кој работи во Струга, додека оваа зима најголемата болка му беше што во екот на кризата десетина дена не успеал да се пробие до своето село Јабланица.


Статијата е прочитана 650 пати.

Испрати коментар



RIM го објави новиот оперативен систем за Playbook
Бугарија меѓу топ ски-дестинации во Европа
На „Златна бубамара“ Сашко падна на колена
Многу ме возбудва!
Изгубени во превод како Јамездин
Фемен

„УТРИНСКИ ВЕСНИК“
ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИЕ

  


Site Meter


Време
Скопје, 14°C

Ведро

Сабота
Сончево
Макс: 11°C, Мин: -2°C

Недела
Ведро
Макс: 11°C, Мин: -2°C
овозможено од Yahoo! Weather
НајчитаниНајкоментирани

Дневник  | Вест | Теа Модерна | Огласник24

Онлајн издание | Вести | Магазин | Спорт |
Печатено издание | Политика | Македонија | Економија | Хроника | Коментари | Свет | Култура | Спорт | Скопје | Забава | Хороскоп | Саботен магазин |