24.02.2012, 18:41 На „Златна бубамара“ Сашко падна на колена
Облечен како Аладин, пеејќи ја „A whole new world“, Коцев ја запроси својата девојка Смилјана пред препол��ата Универзална сала.
„Мистериозната“ Смилјана Филмскиот момент, прстен и клекнување на колена пред насолзената публика, наметна решавање на енигмата - која е девојката на Сашко? Еве што дознавме - Смилјана Бундевска (1983) е љубовта на Коцев веќе неколку години, но „мистичен“ каков што е, тој никогаш јавно не се фалел со своите емоции. Како и да е, белите мантили му се „слаба страна“ - Смилјана е доктор и веќе две години работи на Клиниката за радиологија.
Валентина Тодоровска
Завчера се случи манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“, што беше громогласно проследена со аплаузи, френетично смеење, а „дешавката“ што го одбележа ова јубилејно издание е романтичен момент „а ла Сашко“, кој во преполната Универзална сала ја запроси својата девојка Смилјана Бундевска. Оригинална идеја како да излезете од клишето и да го смените ергенскиот статус за час време, како што го демонстрираше тоа Коцев.
Всушност, дилемите му ги брануваа емоциите - која професија, односно која девојка „има гаранција за следните 30 години“, но изборот беше вистински - победи неговата повеќегодишна љубов.
И така - на шега, на смеа, се поделија награди, се испееја песни, Сашко Коцев низ стенд бај-секвенции, посебно инспириран, ја декларираше овогодинешната парола „Некои викаат - молчењето е злато, другите - стравот лозјето го чува, а ние - смеењето го продолжува животот што кулминираше со - по Арапската пролет - доаѓа македонскиот февруари“.
Во знак на сите - аги, паши, бегови, јаничари и ептен зулум-музичари, најавувајќи го величествениот ден, денот на успехот и слободарскиот дух на сцената на Универзална продефилираа многу фаци од шоу-бизнисот, а најпопуларните дома си заминаа со статуетка.
Почетокот на манифестацијата беше резервиран за златните славејчиња, ама и за куса ретроспектива на фронтменот на „Бубамара“, Ранко Петровиќ , хуморот на Кили и егзибициите на балетско-танчарската група „Ребис“.
Сепак, публиката најмногу уживаше во деловите со Сашко, а тој ги фаќаше блескавите моменти со „алаш вериш“ муабети на омилени темите - сите чуда на телефонијата и новите семоќни опции, постојаните позициско-опозициски препукувања, „никнување“ на стенд ап-комичарите, ама и „пушти глас“ како оперски пејач, на специјалната тема - новиот протокол на барокната зграда на Владата.
Што се однесува до наградите, нив ги имаше во изобилство - за животно дело Зоран Георгиев, најдобар ТВ-проект „Пулс“ на Алфа телевизија со Ана Јовковска, за забавно-музичка емисија „Тротоар“, животно дело на Иво Лауренчиќ, потоа музички проект за 2011, албумот „Срцето чука во седум осмини“ на Тавитјановци, најдобра опера „Војвотката на чардашот“, најдобра театарска претстава „Фигаро“, најчитана страница „Сакам да кажам“ на Горан Михајловски од „Вест“, „пелистерка“ како најдобар дизајн на производ, за најдобар балкански рок-албум – „С.А.Р.С“, најемисијата „Зевзекманија“, концерт на годината „Нокаут“, албум и пејачка на годината Каролина Гочева, актер и актерка на годината Гораст Цветковски и Билјана Беличанец, најдобар балкански бенд – „Дубиоза колектив“, хит и спот на годината за „Суперхикс“ и песната „Африка“, награда за народни херои добија кошаркарската и ракометарската репрезентација и постхумна „Златна бубамара“ за Трајко Каров и за Гоце Арнаудов.
|