22.06.2012, 19:38 Смени го каналот
Срамот на умниот, гордост на лудиот
Јасминка Павловска
Според старата македонска поговорка за чудото од три дена, Канал 5 за тизерот (демек - намамувач) за серијата си доби казна од Советот за радиодифузија, за неемитување реклами, ни помалку - ни повеќе, туку само од три дена. И толку! Стресот на гледачите нека им е на здравје, а во Канал 5 веројатно се задоволни со ефектот што го постигнаа во јавноста. Маркетинг- стручњаците во Канал 5 колку и да не' сметаат нас гледачите за наивни, сосема сигурно е дека никој не верува дека тој „тизер“ е пуштен без пресметан ризик за некаква мандатна казна. Единствено постојат недоумици дали самите го пресметале тоа или се повеле од мислата на филозофот Бертранд Расел: „Неволјата на овој свет е во тоа што глупавите се толку сигурни, а паметните полни со сомневања“. Или народски кажано - од што паметниот се срами, лудиот се гордее!
Дека гледањето телевизија во Македонија не е работа за „пасење мозок“, на гледачите одамна им се отворени очите, ушите, а богами и умот. Доказ - јавувањата во контактните програми, каде што водителите се' почесто ги исклучуваат телефоните, т.е. имаат проблеми со тонот од телевизорот, или со техниката. Гледачите одамна знаат дека на се' што е кажано и прикажано на телевизија треба да се бара тајна порака, второ значење и трето мислење. Теориите на заговори се омилен ментален спорт на македонскиот аудиториум, применлив и во гледање преноси од Европското првенство во фудбал, во следење серии, па дури и во одбројување на времето додека течат рекламните блокови... Настрана „цивилниот тренинг“ по „теории на заговор“ во секојдневните животни ситуации! На пример, кога веќе ќе го прифатите како неизбежна цивилизациска дисциплина плаќањето на радиодифузната такса, „заговорничкото воспитување“ ве наведува да се прашате, каде ли одат парите ако на МТВ со години е истата стара програма, а „освежување“ се прави со враќање стари пребегани кадри? Ако верувате на одговорите за вашето прашање, што ви ги нуди опозицијата од собраниската говорница, преку Собранискиот канал ( исто на МТВ), ќе се чувствувате како со парите од претплатата да скокате во бунар без дно. Впрочем, тоа и не е ново чувство, зашто МТВ отсекогаш важела за бунар без дно, во однос на трошењето на парите. Значи штом како гледач сте анестезирани од собраниските расправи за оправдување на растрошноста на јавниот сервис, а цивилизирани во однос на плаќањето, ќе си продолжите со старите навики, а материјал за вежбање заговори ќе си барате на друго место. Знаете дека нема долго време да чекате на нови прилози за теории на заговор!
Во време додека во Собранието на Република Македонија тече расправата, т.е. отчетот на МТВ за нејзината растрошност, се случува „вонредната вест за паднатиот авион“ на Канал 5, демек „тизер“ за некоја нова според нив хит- серија. Одеднаш сето внимание, паника и револт на јавноста се свртени кон маркетиншкиот трик на Канал 5, Советот за радиодифузија е алармиран за итна седница, уште поитно изрекува казна за три дена без реклами на програмата... и никој веќе не се скандализира каде му одат парите за радиодифузната такса. МТВ си останува во заборав, таму каде што живее од еден до друг отчет во Собранието...
Ете така, размислува еден просечен „заговорнички ум“, трениран на информативните програми на македонските телевизии, турските серии со македонска синхронизација и бескрајни блокови на реклами. А „здравиот разум“, пак, вели: нели МТВ и Канал 5 се на различни страни од радиодифузниот колач? Којзнае? Неволјата на овој свет е што глупавите се толку сигурни, а паметните полни со сомневања! |