16.10.2011, 18:17 Поглед
„Штипфест“
Катерина Шекеровска
Не Македонија, туку Штипјани одбраа: победник на 26. издание на фестивалот на забавни мелодии „Макфест 2011“ е нивниот сограѓанин Зоран Илиев. На дваесет и тригодишното момче, за јавноста речиси анонимно, преку ноќ му се исполни сонот и директно од вечерта на дебитанти се исправи на победничкиот трон рамо до рамо со најголемите ѕвезди од домашната поп естрада.
Далеку од обвинувањата дека фестивалот беше наместен, доволно јасно покажува фактот за кого гласаше публиката. Но што е со обичните гледачи, народ кои преку ТВ-екраните очекуваа да видат фестивал достоен на името и традицијата.
„Макфест“ оваа година имаше многу подобар визуелен впечаток- зборуваме за изгледот на сцената, организацијата на бекстејџот и страничната програма. Се вратија и некои од имињата кои неколку години по ред не настапуваа на штипската сцена. Се создаде идеална атмосфера за враќање на стариот сјај. Но, сепак, повторно нешто недостасува (ше).
Ако порано со радост го очекувавме новото макфестовско издание кое по непишано правило носеше многу хитови кои стануваа и евергрини, во последно време се' е сведено на импровизиција, копирање на стилови, стајлинзи, веќе почнаа и обвинувањата за плагијат за годинешната победничка песна... Го нема „она нешто“ што ќе не' закове пред екраните и ќе не' натера да уживаме во фестивалските вечери за на крајот да дебатираме за одличните композиции, а не за тоа кој купил повеќе влезници.
Водителките во бекстејџот избезумуваа со „интелигентни“ прашања, па уште толку им ја зголемуваа тремата на изведувачите. Очигледно имаме уште многу да учиме. Топла вода не може да измислиме, доволно е да фрлиме еден поглед на РАИ, Би-Би-Си или некој друг сервис со долга традиција. За да му го вратиме стариот сјај и реноме на најпознатиот штипски фестивал, кој во минатото ги собираше најголемите ЈУ-ѕвезди на својата сцена. |