22.04.2010, 18:57 Денеска стартуваат лото-игрите
Првото извлекување ќе биде на 3 мај на телевизијата Сител
Маја Томиќ
Лото-игрите на среќа, конечно, започнуваат по три и полгодишна пауза. Од денеска по 14 часот ќе почнат да се продаваат лото-талоните на 200 продажни места во земјава, меѓу кои на „Макпетрол“, „Вестерн унион“, „Тобако“, „Топ-шоп“, „Техномаркет“, „Ту-би“, „Оне“, повеќе маркети... Првото извлекување ќе биде на 3 мај во 20 часот на телевизијата Сител.
Од новата Државната лотарија вчера соопштија дека остануваат на претходно изјавеното, дека првата добивка, без разлика на сумата која ќе се инкасира од продадените талончиња, ќе изнесува 100 илјади евра. Од денеска ќе може да се купуваат „ново лото“, со седум од 34 броја, при што ќе можат да се уплатат 10 комбинации, а цената на една изнесува 15 денари. Ќе се продаваат и инстант-лозови т.н. „среќни тркала“ и „ѕвезден пат“, со по две први награди, возилата „голф 6“ и „ланчија делта“.
Како што рече на вчерашната прес-конференција директорот на Државната лотарија, Јован Силјановски, „среќните тркала“ се отпечатени во милион примероци и една ќе чини 30 денари, а грепките „ѕвезден пат“ ќе ги има во 500 примероци по цена од 50 денари.
Продажните локации, според Силјановски, се опремени со најсовремени терминали, скенери, печатачи и фискални каси кои се поврзани со лотарискиот систем. Се работи на ширење на мрежата и до крајот на годината треба да има околу 400 подружници за продажба.
„За сите досегашни активности за старт на Државната лотарија се потрошени околу еден милион евра, кои на компанијата и' ги додели државата како основачки влог. Сите пари, за опрема, компјутери, системска сала, плати, набавка на возила и друго, се финансирани преку јавни набавки и аукции, односно преку Бирото за јавни набавки, при што е постигната многу пониска цена од пазарната“, истакна Силјановски, потенцирајќи дека е веќе направена финансиска ревизија на трошењата во Лотарија и не се утврдени никакви неправилности, односно злоупотреби. Државната лотарија работи и на креирање нови концепти на игрите на среќа „Бинго“, спортска прогноза и други, кои би требало да се воведат во текот на годинава.
Директорот Силјановски информира и дека се во тек активности за организирање заедничко лото и грепки на ниво на Југоисточна Европа, а преку Асоцијацијата на лотариски организации на ЈИЕ. |