14.01.2013, 16:34 Брисел не се колеба околу препораката
Брисел - За Европската комисија се' уште стои препораката да и' се даде на Македонија почеток на преговорите за членство во Унијата. Ова го потврди портпаролот на Комисијата, Петер Стано, на прашањето дали случувањата со опозицијата во Македонија може да влијаат да се загуби препораката.
„Стои препораката на Европската комисија да и' се додели датум за почеток на преговори за членство на поранешната југословенска Република Македонија во Европската унија. Земјите-членки на ЕУ во заклучоците на декемврискиот Европски совет поставија јасен распоред на следни чекори што очекуваат да бидат направени за земјата да добие поволен извештај“, изјави Стано на прес конференција.
Во врска со тоа кога точно Комисијата ќе го објави пролетниот извештај за Македонија, од кој ќе зависи дали на јунскиот самит на Советот ќе добиеме почеток на пристапните преговори, портпаролот Стано вели дека се' уште нема прецизен датум, но дека тоа би било напролет. Извори од Брисел потврдуваат дека развојот на политичката ситуација кај нас ќе влијае на извештајот и на препораката.(Н.Р.)
|