14.01.2013, 16:34 Даблин не се откажува од Ерван Фуере
Испровоцирано од некои пишувања во Македонија, ирското претседателство на ЕУ вчера реагираше со соопштение во кое ја објасни улогата на ексамбасадорот Ерван Фуере, нагласувајќи дека неговото искуство е многу драгоцено за Даблин и дека тука спаѓа и тоа стекнатото во Македонија. Според портпаролот на ирското претседателство, амбасадорот Фуере завршил значајна работа околу мировниот процес за Трансднестарскиот регион додека Ирска претседаваше со ОБСЕ, како резултат на неговото долгогодишно искуство во решавањето на конфликти. Напредокот што бил постигнат таму бил признат од сите страни и довел до усвојување изјава од страна на министрите на ОБСЕ со која, првпат по една деценија, бил утврден прогрес околу ова прашање.
„Иако не е предвидена формална улога за амбасадорот во однос на нашето претседателствување со ЕУ, бидејќи сега е во пензија и нема официјални должности, ние остануваме во близок контакт со него, со оглед на неговиот спектар на експертиза и неговото долгогодишно ��лужбување во ЕУ, а пред се' како специјален претставник на ЕУ за Република Македонија“, стои во соопштението на ирското претседателство. (Н.Р.) |