27.05.2012, 18:12 По Чикаго, името на трет колосек во Грција
Аналитичарите оценуваат дека притисокот врз Атина ќе биде одложен за подоцна за да и' се остави простор на Грција да формира влада
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Атина - Стабилноста на Грција и еврозоната ги ставаат на стенд бај грчките проблеми со надворешната политика. Една недела по Самитот на НАТО во Чикаго доколку се погледнат темите во грчките медиуми, се добива впечаток дека воопшто и немало Самит во Чикаго или пак некаков конфликт за македонското членство во Алијансата.
Политичките аналитичари во Грција, кои будно ги следат македонско-грчките односи сметаат дека Грција е свесна дека по НАТО ќе се соочи со голем притисок за интензивирање на преговорите за наоѓање заеднички прифатливо решение. Сепак, се оценува дека овој притисок ќе биде одложен за подоцна за да и' се остави простор на Грција да формира влада и да се стабилизира по политичкиот земјотрес со кој се соочи на вонредните избори во мај, кои резултираа со нови избори закажани за 17 јуни. Каков било притисок во моментов над Грција за да се направат отстапки за да се реши спорот, според грчките аналитичари, може само да предизвика проблеми и да ги засили радикалните десничари како Панос Каменос од Независни Грци и неонацистичката Златна зора, што според нив е непожелно сценарио за секој сериозен граѓанин во Грција.
„Самитот на ЕУ, но и тој во Чикаго застанаа во поддршка на одлуката од Букурешт, но не треба да имаме илузии дека тоа ќе биде така засекогаш. Би било погрешно да веруваме дека во блиска иднина вратата на НАТО нема да се отвори и за Скопје“, пишува „Катимерини“ во анализа на случувањата во Букурешт и македонско-грчкиот спор. Во анализата се посочува дека би било погрешно Грција да верува дека притисокот на силите од НАТО и ЕУ ќе биде насочен само кон македонската влада за да се направи отстапка за решавање на спорот за името.
Меѓутоа, весникот „Имерисија“ во анализа на грчко-американските односи потенцира дека САД во моментов остануваат силни пријатели и сојузници на Грција бидејќи претседателот на САД Барак Обама не би сакал на неколку месеци пред американските избори да види дестабилизација на еврозоната која ќе има домино ефект на глобалната економија и би ги дестабилизирала и САД.
Од оваа причина се смета дека поддршката на САД за Грција во периодов главно е за да се одржи стабилноста на еврозоната, меѓутоа се однесува и на други теми како надворешната политика. Според „Имерисија“, ако одлуката на Самитот во Букурешт во 2008 ги поматила плановите на САД за прием на Македонија во Алијансата, на овој самит во Чикаго може да се смета дека „имало американско вето со порака до националистите во Македонија дека вратите на НАТО и ЕУ ќе бидат отворени откако ќе се најде заедничко решение со Грција“. „Катализатор за американската поддршка е геополитичкиот и геоекономскиот сектор Грција-Кипар-Израел, кои за САД се оаза на предвидливост и стабилност во регионот. Со Арапската пролет се создадоа нови параметри на нестабилност и се отвора можноста за нови преговори за прашањата од Блискиот Исток, додека пак во Турција здравствената состојба на Ердоган создава неизвесност за тоа на која страна ќе се избалансира Турција“, пишува „Имерисија“.
Иако Атина била уверена дека нема да има изненадувања на Самитот во Чикаго по многуте уверувања дека Македонија нема да се најде на агендата, во анализата на „Катимерини“ се потенцира дека само едно мало вметнување на Хашката пресуда во документите на НАТО ќе можело да ги искомплицира работите за грчката страна. Сепак, според анализата на весникот грчкиот успех не бил толку голем на Самитот на НАТО, колку ЕУ самитот во Брисел во декември 2011 веднаш по одлуката од Меѓународниот суд на правдата.
„По одлуката од Хаг според која беше одлучено дека Грција ја има прекршено Привремената спогодба, Скопје славеше. Меѓутоа, грчката страна, подготвена однапред за исходот од одлуката продолжи да работи. Имаше договор меѓу членките на НАТО да има реакција и изјава веднаш по одлуката. Два часа по објавата на пресудата, генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, ја замрзна насмевката на славомакедонската страна, објаснувајќи дека пресудата нема да влијае на членството на НАТО, со тоа поништувајќи го она што премиерот Никола Груевски го сметаше како голема силна муниција“, пишува „Катимерини“.
По случувањата во НАТО и интервјуто на премиерот за М��А, весникот забележува дека се чини дека македонскиот премиер поминува низ тежок период и политичко изолирање. „НАТО-самитот предизвика шок во владата на Груевски, кај која се забележуваат првите пукнатини“, стои во анализа на „Катимерини“, потенцирајќи ги во прилог на оваа теза изјавите на Груевски зошто заминале во Чикаго претседателот Ѓорге Иванов и министерот за надворешни работи, Никола Попоски.
Сепак, и покрај соочувањето со реалноста дека ќе има меѓународни притисоци за решавање на името, грчките аналитичари велат дека спорот за името тешко дека ќе се најде на врвот на приоритетите на новата влада. Новинарот на „Катимерини“, Ставрос Ѕимас за „Утрински“ вели дека поради сериозните политички и економски проблеми кои е неопходно да се решат за да се врати внатрешната стабилност во блиска иднина проблемот со името нема да се најде во врвните приоритети на владата.
„Ниту пак меѓународната заедница ќе се вмеша за ова со вршење притисок за да се не поткопа обидот за да се стабилизира потенцијалната нова влада. Не треба да се исклучат изненадувања, па доколку евентуално се појави на површина спорот за името сметам дека најверојатно сите партии ќе ги поддржат грчките црвени линии за име со географска одредница со ерга омнес односно севкупна употреба“, вели Ѕимас. Според него, првите приоритети на владата ќе бидат справување со економските реформи, спасување на Грција за да остане во еврозоната и да го задржи еврото и ќе се направат големи напори за Грција да ја поврати довербата кај меѓународната јавност.
Познавачите на спорот меѓу Македонија и Грција велат дека е тешко да се предвиди каква влада би била полесна за соработка со македонската влада за побрзо решавање на спорот. Иако десничарите од Нова демократија се засилени со Дора Бакојани, но и со поранешни пратеници на ултрадесничарската ЛАОС, се оценува дека останатите партии нема да им дозволат да се вратат на порадикални позиции од сегашната грчка црвена линија.
Еднопартиска влада е веќе минато, велат аналитичарите, па доколку Нова демократија успее да победи на изборите, би можела да формира влада со ПАСОК, кои би направиле некаков баланс во владата и не би дозволиле радикализирање на грчките позиции за спорот за името. Доколку левичарите СИРИЗА и Алексис Ципрас успеат да ја добијат довербата на народот и да формираат левичарска влада, веројатно би биле за некој степен поотворени во преговорите, но и тие би останале на грчката црвена линија. |