27.05.2012, 18:32 Мустаќите преживеаја, брадата не
Армијата воведува посебен дрес-код за своите вработени. Правилата се ригорозни, но такви треба и да бидат, велат надлежните
Мустаќлиите во АРМ куртулија и со новите правила предвидени во Правилникот за односи во вршење на службата кој е донесен неодамна. Со новата регулатива, која го уредува изгледот и начинот на однесување на воените лица, како и на цивилниот персонал во армијата, на мажите ќе им биде дозволено да носат уредни мустаќи, но не им е дозволено да имаат и брада.
Правилата за фризурата остануваат и понатаму ригорозни – косата мора да биде кратко и уредно потстрижена, облеката под конец, а место досегашниот наклон, сега ќе можат да ги поздравуваат старешините и со рака – но без капа, што досега не било пракса.
Оние припадници на армијата кои имаат тетоважи и пирсови на телото треба умешно да ги прикријат и да не бидат на видливо место. Жените треба да внимаваат на бојата на косата, накитот кој го носат и лакот на ноктите. Сето тоа треба да е со смирени бои и да не предизвикува внимание. Обетките се дозволени, но не подолги од осум милиметри. На лицето може да нанесуваат дискретна шминка, а нивните прсти да бидат закитени со максимум два прстени. Ноктите треба да бидат уредни, долги најмногу до 5 милиметри лакирани со дискретни бои и не смее да бидат дизајнирани.
Косата треба да е средена, по можност не многу долга. Припадничките на армијата кои сепак преферираат да имаат долга коса, ќе треба да ја соберат со неупадливи шноли, кои не светкаат. Жените кои се во цивилните служби на АРМ, исто така имаат посебен дрес-код. Тие треба да носат здолниште не пократко од колената. Во АРМ не е дозволено носење фармерки или чевли со отворени прсти.
Ова се само дел од правилата за вршење служба во Армијата, со кои од неодамна прецизно се уредува дрес-кодот и однесувањето на воените и цивилните лица кои се дел од безбедносните структури. Ако во текот на изминатите години од 1992 година па навака, армијата имала само еден правилник, сега е направена цела палета на правила кои ги регулираат односите во АРМ, поздравувањето меѓу воените лица и многу други аспекти од службата.
„Има коментари дека правилата се многу ригорозни, но треба да се има предвид дека Армијата е посебна структура и има посебни правила на однесување“, вели полковник Мирче Ѓорговски, портпарол на Генералштабот на АРМ.
Ваквите нови правила, според надлежните во АРМ, се наметнале како резултат на сознанијата и искуствата стекнати при соработката со странските армии во изминативе години. Секоја армија има своја регулатива, која може да се менува во согласност со ситуацијата и новите потреби.
Германската и холандската армија, може да се каже дека се меѓу „полибералните“ кога станува збор за дрес-кодот. Според Ѓорговски, во овие две земји на воените лица им е дозволено да носат и брада, правило кое е недозволиво за голем број странски армии. „Во САД до пред неколку години не беше дозволено припадниците на армијата да носат и мустаќи, а во турската армија не е дозволено да се примаат ниту забрадени лица, ниту со мустаќи“, вели нашиот соговорник.
Од новитетите кои се воведуваат, според Ѓорговски, е поздравувањето со рака, но без капа. „Тоа порано го правевме со наклон, но сега се имплементираат и искуства од другите земји, каде што има и поинакви правила на поздравување“, вели тој. (Д.Т.) |