27.05.2012, 18:14 Полглед
Данок во деца
Димитар Чулев
Не постои разумна или каква било претпоставена благородна цел која може да оправда насилно прекинување на макар и еден детски живот.
Ако цената за слобода, за промена на режим, за демократизирање е данок во деца – тогаш цената е превисока: само викендов во два одвоени масакри на неколку илјади километри оддалеченост загинаа четириесетина деца - 32 деца под десетгодишна возраст во Сирија, во нејасно бомбардирање во местото Хула во провинцијата Хомс и шест во некоја таму од Бога заборавена авганистанска провинција. Првите беа жртва на, како што објавуваат агенции, напад на силите на режимот на претседателот Асад, кој не сака да ја предаде власта во земјата. Вториве шест, кои загинаа на спиење заедно со родителите во семејна куќа, беа жртва на воздушен напад на трупите на НАТО, кои 12 години се обидуваат да ја ослободат земјата од остатоците на талибанскиот режим.
За првите 32 (како бројка од 90-те вкупно загинати во масакрот) светот излезе со јасен став дека тоа е злосторство кое треба да иницира акција за соборување на ненародниот режим како што заврши ланското „будење“ за време на Арапската пролет. Вториве ќе бидат (дали!) веројатно истретирани како „колатерална штета“ на војната, која, ајде да бидеме малку цинични, се води под мотото „талибан анте портас“.
Масакрот во Сирија доаѓа во чудно време – кусо по обидот да се имплементира планот од шест точки на Кофи Анан за прекин на непријателствата. Чудно е што и во некои други војни, како онаа во Босна, секогаш кога непријателствата се приближуваат кон смирување – експлодираат бомби на пазари, во детски градинки... А Бан Ки-мун овој пат јасно предупреди – земјите да не ги помагаат со оружје ни режимот ни бунтовничките групи. |