07.08.2012, 18:14 Пациентите се борат со Фондот за здравство
Елена Младеновска води битка со Фондот за здравствено осигурување за да и' се признае операцијата на карлица која чини 18.000 евра
Јасмина Јовановска
Елена една година се борела за живот, минувајќи низ лавиринтите на македонскиот здравствен систем, откако случајно настрадала како пешак додека чекала да премине улица. Имала толку тешки повреди што никој не верувал дека ќе остане жива. „Додека стоела да премине улица, едно возило, поради нагло закочување, се поместило и ја удрило. Сите мислеле дека на ќерка ми и' нема спас, но двајца очевидци, на нивен ризик, ја однеле во Градска болница“, раскажува таткото како 21 јуни минатата година станал кобен ден за нивното семејство.
Лекарите од Клиничката болница „Аџибадем - Систина“ ја проодиле 24-годишната Елена од Скопје откако тешко се повредила, не по нејзина вина, како пешак во сообраќајка, а државата не сака да и' ја плати операцијата која чини 18.000 евра. Веќе неколку месеци нејзиното семејство се бори со Фондот за здравствено осигурување за да и' ја признаат операцијата и со тоа државата да покрие 80 отсто од услугата, што следува како и на секој друг осигуреник.
„Прво, Фондот не' одби со образложение дека не се исцрпени можностите за лекување во нашите болници, а сега се обидуваат да не' одбијат дека сме задоцниле со жалбата. А ги дадовме сите пари што ги имавме, па дури и се зајмивме од роднини, само за да ја спасиме Елена, и успеваме во тоа. Ја добивме битката со смртта, а сега не можеме да ја избориме битката со Фондот“, ја почна тажната приказна Љупчо Младеновски, татко на повредената.
Во Градска болница и' направиле четири операции, затоа што речиси целата била со скршеници. И биле оперирани раката, ногата и карлицата на која и' биле ставени шрафови. Се' било добро додека по 12 дена не почнале да ја освестуваат. „Почна обилно да крвави од раните, а имаше и инфекција поради отворените рани. Лекарите ме повикаа да ми кажат дека не можат да се справат со крвавењето и дека треба да се најде чаре. Ми предложија да одиме во ’Филип Втори‘. Знаев дека тоа ќе чини многу, па ми требаше време да размислам. Но, се сеќавам беше недела, кога без да ме прашаат со итна помош Елена беше префрлена кај д-р Митрев“, вели таткото, кој не им се лути на лекарите од Градска болница, затоа што, сепак, мислеле на здравјето на ќерка му.
Но, не ни можеле да помислат колку ќе ги чини лекувањето во „Филип Втори“. Им рекле дека еден ден ќе чини 600 евра. „Реков ќе ги дадам сите пари од дома и што сум штедел за свадба на Елена, но не знам колку со нив ќе можам да ги покријам трошоците. Ми рекоа, не грижете се, да ја средиме Елена, потоа ќе се договориме за парите“, кажува Љупчо како во „Филип Втори“ им излегле во пресрет на нивната мака.
Но, на Елена морала да и' се направи уште една операција на карлицата, бидејќи додека се лекувала во „Филип Втори“, поради ризичната здравствена состојба, и' ги извадиле шрафовите и карлицата лошо зараснала. „Елена малку закрепна и доби сила, но за да не остане инвалид, побрзавме да се оперира. Од Трауматологија ни рекоа дека не се нафаќаат да ја оперираат, затоа што ако почне да крвави, нема да може да ја спасат. Лекарите од Трауматологија дури почнаа да преговараат со Љубљана и со Загреб за да ја оперираат ќерка ми побрзо. Но, на операција се нафатија и лекарите од ’Аџибадем – Систина‘, кои дадоа и најевтина понуда - 17.000 евра и затоа Елена таму се оперираше“, објаснува таткото како стасале до оваа приватна клиничка болница. Понудата за лекување и од Загреб и од Љубљана изнесувала околу 40.000 евра.
Раководителот на Клиниката за трауматологија, д-р Славчо Стојменски, не сакаше да даде објаснување дали се нафатиле или н�� да ја оперираат Елена, бидејќи им било забрането од директорот на Клиниката, Реџеп Селмани, да дават изјави за медиуми. Но, од Клиниката, сепак, ни потврдија дека не можеле да го решат проблемот на младата пациентка, па лекарите се изјасниле дека треба да се лекува во странство. Но, и покрај ова, Фондот ја одбил со објаснување дека не се исцрпени сите можности за лекување во државата.
По жалба на пациентката, Второстепената комисија на Фондот почнала да бара понуди за лекување. Но, во меѓувреме, Елена била оперирана во „Аџибадем - Систина“. Семејството успеало да плати само половина од парите за интервенцијата, за што повторно се зајмиле. „Операцијата мораше да се направи поскоро и да се реконструира скршената карлицата за да не останат трајни последици за Елена“, укажуваат лекарите од „Аџибадем - Систина“. Операцијата е успешна и сега Елена добро закрпенува, веќе почнала да ги прави и првите чекори.
„Се радуваме зашто Елена остана жива и повторно проодува, но и' останавме должни на болницата. Од Фондот велат дека сме задоцниле со жалбата, а ние не знаевме каде ни е главата кога Елена по седум месеци борба за живот мораше пак да се оперира. Како може да не ни се признава операцијата, кога како и да е Елена ќе завршеше во ’Систина‘ на операција, бидејќи дадоа најевтина цена. Зошто мора толку да се гледа на административни формалности. И Елена, како и секој друг пациент, има право да се лекува “, се чуди таткото.
Од Фондот за здравствено осигурување потврдуваат дека барањето на пациентката за лекување во странство било одбиено, затоа што истата операција можела да се направи и во нашата држава. Тоа што лекарите од Трауматологија не се нафаќале да ја оперираат од Фондот велат дека немале црно на бело, туку само изјава на неколку трауматолози. И покрај тоа што Младеновска се жалела до Фондот, нејзиниот случај воопшто не бил разгледуван, со објаснување дека задоцнила со жалбата. „На 21 декември 2011 година пациентката го добила решението дека е одбиено барањето за лекување во Љубљана, а жалба поднеле на 23 јануари 2012 година, што е над законските 15 дена, па и жалбата и' е одбиена како неоснована“, објаснуваат од Фондот. Сега Елена има нова жалба до Фондот, но оттаму велат дека и таа ќе биде одбиена, зашто остануваат на ставот дека задоцнила со жалбата. На Елена и' останува да ја бара правдата уште пред Управен суд. |