05.07.2012, 17:20 Борис Змејковски - „Љупчо е најголем проблем за Македонија��
Од побратими, до лути непријатели. Како се разделија основачите на ВМРО, или ли раскол или окрупнување во владејачката партија
Даниела Трпчевска
„Во една прилика, кога тогашниот премиер Љупчо Георгиевски и лидер на ВМРО, вршеше притисок преку сите институции за да ми монтира случај и да ме дискредитира, разговарав со него и го прашав зошто го прави сето тоа. Му реков: „Те создадов, те чував во својата куќа, од децата делев за твојата уста, што е причината зошто сакаш да ме уништиш?“ Тој само ми рече: „Морам да те уништам, пред се' финансиски, а потоа да те дискредитирам, затоа што ти си за мене најголема опасност на политички план! “
Со овие зборови еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ, Борис Змејковски, го објаснува раздорот меѓу некогашните сопартијци и отвореното непријателство кое деновиве повторно исплива на површина, откако лидерот на ВМРО-Народна и експремиер Љупчо Георгиевски изнесе низа обвинувања против него. Се' започна со промоцијата на автобриографската книга на Георгиевски, а веднаш продолжи кога основачите на партијата испратија писмо до поранешниот лидер во кое жестоко го критикуваа за најавената коалиција со лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски. Тој возврати со обвинувања дека Змејковски во 2001 година заедно со Црвенковски ја уривал Владата, во којашто министер беше Груевски. Го отвори и прашањето за бизнисите на Змејковски, капиталот којшто го стекнал, но и досиејата кои што, наводно, постоеле за него како соработник на тајните служби.
„Некои мислат дека се заборавени, па се обидуваат повторно да се најдат во фокусот на јавноста. Мислам дека тоа се крие зад обидот на Љупчо Георгиевски да испровоцира реакција, споменувајќи детали и имиња од историјатот на ВМРО, на кои им залепува етикети кои се лага. Меѓусебните договори со Бранко Црвенковски кои ги негуваа одамна, сега прерано ги обелоденија во јавноста, па веројатно се обидуваат да го дефокусираат вниманието со ваквите обвинувања. Но, ве уверувам, станува збор за ноторни лаги, конструкции и работи кои не му доликуваат на еден поранешен премиер, лидер на партија“, вели Змејковски за „Утрински весник“.
Тој признава дека во заднината на антагонизмот меѓу двајцата некогашни основачи на ВМРО, се крие идеолошки судир и несогласување кое тлеело со години.
„Судирот не беше само поради Доста Димовска, туку сметам дека тој е вистински проблем за земјава. Љупчо е најголем проблем за Македонија“, вели Змејковски. Поради идеолошкиот судир кој траел константно, особено поради бугарофилството, Змејковски објаснува дека едно време решил да се повлече од политичката сцена и да остави работите сами да испливаат на површина. „На времето никој не ми веруваше во тоа што им го кажував, ме критикуваа, па оставив сами да се уверат во тоа“, додава нашиот соговорник.
До кога ќе продолжи препукувањето меѓу некогашните сопартијци и вадењето на валканата облека на виделина? Според Змејковски, не станува збор за валкана облека, туку само за изнесување на една вистина што сите ја знаат. „А тоа е, дека Георгевски е промашена, штетна личност. Истрошеноста ја покажа на последните избори - од некогашен премиер, лидер на партија, тој сега не успеа да освои ниту пратеничко место. Кај него останува само лошото минато и профитот што го направи од премиерската функција“, обвинува Змејковски и додава: „Тој го проверуваше мојот имот и ништо спорно не најде. Јас отсекогаш сум бил имашен, додека на него четврт бурек му купував, го возев оти немаше пари ниту за автобуска карта. А сега стана голем бизнисмен. И никој досега не му го преиспита имотот. Немаше денар во џебот, а преку ноќ стана бизнисмен – тоа е вистината за Георгиевски. Треба да се направи ревизија и контрола на неговиот имот“, дециден е Змејковски.
Некогашните побратими, сега станаа лути непријатели. Змејковски вели дека не е непријател со никого, но: „Предавниците не можам поинаку да ги гледам, освен како непријател број 1, бидејќи работат за туѓи интереси, а не за интересите на земјата“, вели еден од основачите на ВМРО.
Тој со години наназад политиката ја земени со бизнис и во скоро време вели дека не планира повторно политички да се активира.
„Надвор сум од политиката, оти некогаш на човек му се згадува од политиката, имаме многу валкани играчи. И тогаш е време да се замине. Но, дали може еден родител да се откаже од своето дете? Така, јас не можам да се откажам од ВМРО, коешто го чувствувам исто како мое дете“, вели тој.
Според Змејковски, во владејачката партија не само што нема раслојување, туку напротив има окрупнување. „Нема раслојување во ВМРО-ДПМНЕ, Георгиевски беше тој што разединуваше. По неговото заминување, партијата се обедини“, тврди Змејковски.
Во однос на обвинувањата дека има досиеја за него, како соработник со тајните служби, Змејковски одговара: „ Бев тепан, притворан и прогонуван до 90-тите години, третиран како антидржавен елемент во тогашните југословенски структури. Тоа е вистината и нема друга“, вели Змејковски.
|