Архива Контакт Редакција Маркетинг Претплата
Барај
период од-до
-
Печатено издание
Втора страница На прво место Политика Македонија Економија Хроника Едиторијал Анализа Мислења Свет Култура Спорт Скопје Забава Некролог Хороскоп Што прават денеска Фељтон
Фељтон
09.12.2010, 16:39

Фељтон

Kолку УДБ-а беше нашата судба (1)

Од досиејата остана само боранијата

Во архивите има шпионски траги само од ситните риби, досиеjата на покрупните се уништени или исчистени

Виктор Цветаноски

Нашето поблиско минато се' уште е отворена рана, која многу тешко се залечува. Обидите што се прават последниве години со отворањето на досиеjата и со формирањето на Комисијата за лустрација, се чини, не е вистинскиот лек за старите болки, зашто сето она што се презема е половично, неискрено и проследено со валкани игри на политиката.

Тие што најмногу се виновни за петдецениското страдање и репресирање на голем број луѓе и натаму се недопрени. Народот нема да дознае никогаш за оние што ги граделе сопствените кариери газејќи врз туѓи несреќи. Жртвите на комунизмот ги видоа сопствените досиеја, но какво фајде од тоа кога не можеа да ги прочитаат имињата на кодошите што им го кроеле животот. Власта ги пречкртала за да ги заштити. Ако веќе инсистираат да дознаат кои биле луѓето што направиле пекол од нивниот живот, треба да потпишат посебен документ, заверен на нотар, со кој ќе се обврзат дека нивните имиња нема да допрат до јавноста.

УДБ-а или Службата за државна безбедност, како што подоцна беше прекрстена, меѓу 1950 и 1990 година во Македонија создала нешто над 14.500 лични досиеја. Точната бројка на кодошите не се знае, но се претпоставува дека била многу поголема, зашто еден човек го кодошеле повеќемина.

Очигледно е дека УДБ-а долги години била нашата судба и во еден период таа како најсилен комунистички инструмент на власта го имала главниот збор. „Како власт, систем, идеологија, практика, како интима дури изградивме... најсилни институции на власта, на диктатурата; создадовме дури и најдобри вооружени полиции, со најдобра опрема за борба и уште повеќе за следење; создадовме сила да демне над сите нас (имено, над нас како над непријатели!), да го следи и убива најинтимното во нас (имено, над нас како над непријатели!), за да доживееме: истата таа сила, истите тие институции да се распаѓаат пред нашите очи, сами од себеси! Без непријател надвор од нас создадовме демон-сила која изеде многумина од нас, (одвнатре)...“, ќе признае познатиот писател Коле Чашуле, кој беше еден од судиите на монтираниот процес на Методија Андонов-Ченто.

Никој нема право да го оспори фактот дека комунистите се најзаслужни за создавањето на македонската држава, никој нема право да ја валка антифашистичката борба што тие ја поведоа, но, истовремено, не може да бидат аминувани луѓето кои во името на комунистичката идеологија и за свои лични интереси правеле злосторства и репресирале илјадници луѓе. Патот изврвен при создавањето на државата не бил послан само со рози, како што своевремено ни се говореше, туку и со трупови и човечки патила. Многу луѓе биле ликвидирани, затворани, интернирани. Нивните трауми ги чувствуваат и денес, не само тие што се се' уште живи, туку и нивните деца и внуци.

Виолета Ачкоска, професорка на Институтот за историја на Филозофскиот факултет, вели дека бројката од 50.000 репресирани луѓе што се споменува во јавноста не е реална. Според неа, таа е само на оние луѓе за кои постојат документи и досиеја.

„Таа бројка е многу поголема, бидејќи не биле репресирани само самите личности кои идеолошки или политички се огрешиле во тогашното време или се замериле со некоја личност на власт, туку на репресија масовно биле ставени и нивните семејства, нивните жени и деца, кои биле водени во интернации на различни места, така што таа бројка можеби треба да биде че��ири или пет пати поголема. Таа бројка е поголема, бидејќи за многу од репресираните не постои никаква пишувана трага. Ниту досие ниту е забележано некаде името, дури има и лица кои за време на колективизацијата биле ликвидирани, а на кои и ден-денес не им се знаат нивните гробови“, подвлекува таа.

Комунистите првиот грев го направија кога сурово се пресметаа со оние што, според нив, соработувале со непријателот и ги ликвидираа без да ги судат. Репресии биле вршени за време на првата национализација кога на побогатите и колабористите им бил одземан имотот, кој некои моќници дури и го приграбувале. Првите години по војната настрадаа повеќе од 1.000 лица, пред се', млади луѓе, средношколци, поради тоа што ја сакаа Македонија и не можеа да се помират дека и по победата над фашизмот, таа е распарчена. Според некои историчари што го истражувале тој период, најголемата и најмасовната репресалија што ја доживеале Македонците по војната била колективизација на селото. Тогаш на многу селани им била насила одземана земјата, а тие што не се согласувале да влезат во селските работни задруги ги одведувале во логори и жестоко ги малтретирале. Некои ноќе биле апсени и стрелани надвор од селата. Посебна приказна е 1948 година кога револуцијата почна да си ги јаде сопствените деца. За време на ИБ повеќе од 1.200 македонски комунисти беа испратени во познатото мачилиште Голи Оток од своите соборци. Во тоа време настрадаа и голем број познати предвоени револуционери кои цврсто стоеја на македонски позиции

Наспроти упорното настојувања на македонските институции досиејата и натаму да останат скриени во архивските депоа, Јасна Котеска, професорка на Филолошкиот факултет во Скопје, се залага тие целосно да бидат достапни до јавноста. Таа вели дека цената на транспарентноста не е мала, но парадоксално, таа боли многу помалку отколку таинственоста. Според неа, радикалната транспарентност е услов за обичната, проста вистина. „Независно од стравовите на скептиците дека досиејата ќе предизвикаат реваншизам, сеирџиство и сл., се покажа дека само граѓаните на поранешната Источна Германија кои целосно ги отворија своите архиви, не претрпеа никаква штета од увидот во сопственото минато. Од минатото се профитира само таму каде што никој или мала група луѓе имаат пристап до него“, смета Котеска

Притоа, таа повлекува дека катарзата може да настане кога јавноста морално ќе го осуди лицето кое кодошело, бидејќи, во тој случај, јавноста на жртвата и' го враќа она што еднаш и' го одзела – правдината. „Конечно, во земја со оваа историја на ужасни подземни градови од кодоши и ужасно блокирана идеја за макар провокација на поредокот, сосема е невозможно дека гордоста е категорија од која овие луѓе, кодошите на еден минат систем, ќе бидат смртно ранети. Тие ќе мора нешто да проголтаат, па нека голтнат по ѓаволите! Што се' не се' наголтале другите во нивно име?“ пишува таа во „Комунистичка интима“.

Академик Иван Катарџиев оценува дека она што сега го прават лустраторите нема никаква врска со жестоките години на нашето минато, зашто се санкционираат само оние што по сила на приликите, доброволно или, пак, под присила соработувале со службите, но не и другите што биле главните режисери на големите човечки драми. „Што со оние што вршеле невидена психолошка тортура врз луѓето? Дали и тие ќе бидат санкционирани?“ прашува познатиот историчар.

Посебен проблем е тоа дали во досиејата што останаа во архивите може да се прочита сета вистина по многуте прочистувања и уништувања, дали можат да се дознаат подземните игри на луѓето што најмногу ја валкале комунистичката идеја.

Иван Бабановски, кој долги години работел во Службата за државна безбедност, тврди дека ги нема досиејата на многу клучни играчи во минатото. „Кога најпрво дојде експертската влада на Никола Кљусев, сите си се ’излустрираа‘, ги исчистија и своите досиеја и досиејата на децата и на пријателите. И првата коалициона влада по прогласувањето на независноста на Македонија го направи истото тоа. Кога власта ја освои ВМРО-ДПМНЕ, прва задача на госпоѓицата министерка и на нејзиниот претпоставен беше да ѕирне во досиејата и да ’излустрираат‘ се' што е нивно. И последниве го направија истото тоа, си ги избришаа трагите од својата работа во комунизмот, така што во архивите остана само ’боранијата‘“, вели тој.

Македонската историографија со извесни исклучоци не се занимавала посериозно со темната страна на овој период од нашето минато. Ние денес ги имаме сведочењата на многумина судени за Македонија, забележани од д-р Стојан Ристески, имаме и многу исповеди на тие што страдале на Голи Оток, пренесени од д-р Димче Најчески, но тоа не е доволно за да се дознае сета вистина. Потребно е целосна социополитичка и историска анализа на тоа време и нештата да се кажат онакви какви што се, без глорифицирање и разубавување, без субјективизми и фронтални напади дека тогаш се' било црно.

Во овој фељтон ќе се обидеме да пренесеме некои трагични настани од тоа време и да и' ги доближиме на јавноста кажувањата на многумина страдалници што биле под удар на камшикот на некои тогашни моќници. Тие кажувања колку и да се субјективни, сепак, фрлаат повеќе светлина на тоа времето. Некој можеби ќе забележи и ќе рече да го оставиме минатото и да гледаме напред. Но, без чисто минато тешко се гради среќна иднина. За гревовите на минатото мора да се каже се', без разлика колку боли тоа, вистината за страдањата на многу луѓе треба да ја знаат сегашните и идните генерации за никогаш да не се повтори.


Статијата е прочитана 2958 пати.

Испрати коментар






Дејан, 10.12.2010 13:15:19
„Без чисто минато тешко се гради среќна иднина„. Точна така господине Цветановски. Ние, читателите тоа веќе одамна го сфативме. Останува уште на вас тоа да го сфатите и конечно да почнете да ја почитувате вистината, правдата, па да начекаме и да почнете да ја пишувате веродостојно. Поздрав то Утрински, најдобриот весник во Македонија.
sime, 10.12.2010 16:25:38
Sekoj sto ima vlast pomalku ili poveke ja koristi da gi stvi lugjeto da se poslusni,aku e nekoj slbodoumen i nne go "poslusa"go maltretira.
Ljubotan Trade Name, 10.12.2010 23:00:38
Veruvam ovde ce vidime i presudi vo UDBa od dvanest napisani reda ,na selskite javni sudena vo tetovskite sela osudeni na;25god.20god ztvor!

„УТРИНСКИ ВЕСНИК“
ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИЕ

„Утрински весник“ можете да го купите во електронска форма

"""

  

 


Site Meter


Најнови вести
Време
Скопје, -1°C

Ведро

Недела
Ведро
Макс: 8°C, Мин: -2°C

Понеделник
Сончево
Макс: 13°C, Мин: 0°C
овозможено од Yahoo! Weather
НајчитаниНајкоментирани
Блог избор
sead93.blog.com

Онлајн издание | Вести | Магазин | Спорт |
Печатено издание | Втора страница | На прво место | Политика | Македонија | Економија | Хроника | Едиторијал | Анализа | Мислења | Свет | Култура | Спорт | Скопје | Забава | Некролог | Хороскоп | Што прават денеска | Фељтон |