01.10.2009, 16:44 Филмот „Танцувај со мене“ предизвика големо внимание
Единствениот филм направен во копродукција со Македонија, „Исток-Запад-Исток“ донесе разочарување
Сунчица Уневска
БИТОЛА - Годинава фестивалот „Браќа Манаки“ ја воведе програмата „Македонска панорама“, во чии рамки се селектирани десет кратки играни, документарни и анимирани филмови. Филмот со кој се отвори оваа програма беше „Танцувај со мене“ на Саша Дамјановски, еден навидум типичен британски филм со македонски режисер и музика на Никола Коџабашија и групата „Фолтин“. Во рамките на оваа програма ги видовме и документарните филмови „Вода и оган“ на Киро Урдин и „Чедо“ на Алјоша Симјановски. Додека надвор од оваа програма во главна конкуренција се прикажа и краткиот македонски филм „Еден“ на Вардан Тозија, кој е единствен филм од Македонија што се бори за новововедената награда мала „Златна камера 300“. Но, за овие три филма веќе имаме пишувано по нивните премиери во Скопје и на фестивалот „Астерфест“ во Струмица.
Овде ќе се осврнеме на филмот „Танцувај со мене“, кој предизвика многу големо внимание на фестивалот. Саша Дамјановски прави навистина еден многу интересен спој на психолошка драма и исклучителен уметнички израз низ кореографијата на двајца танчери, во чија игра успева да го долови целиот емотивен набој и кризи кои се случуваат меѓу двата негови лика. А станува збор за една, на прв поглед типична британска двојка, но која носи една универзална приказна за нашите стравови, за обидите да се побегне од реалноста, но и за нашата комуникација која наместо да не зближува се повеќе не оддалечува.
Дамјановски успева така да ги опише ситуациите и да ги долови интимните проблеми, во што се препознаваат сите. Филмот предизвика многу дискусии, а неговата прес-конференција беше дефинитивно најпосетена. Тој ни откри дека овој нискобуџетен филм го чинел само десет илјади фунти. А како што рече, ликовите по кои е правен овој интересен филм се дел од нашето секојдневие и, се разбира, од сопственото искуство. Овој филм премиерата ја имаше на фестивалот „Портобело“ во Лондон.
Единствениот игран филм кој беше прикажан на фестивалот, а кој е направен во копродукција со Македонија, беше албанскиот филм „Исток-Запад-Исток“ на Ѓерѓ Џувани. Но, овој филм беше големо разочарување, дотолку повеќе што Џувани е добар автор кој зад себе има одлични филмови, како „Слоган“ или „Драг непријател“ и има меѓународна препознатливост. Но, „Исток-Запад-Исток“, кој зборува за еден аматерски велосипедски тим од Албанија, некако и самиот останува на ниво на аматеризам. Филмот ја следи приказната за тимот кој оди во Франција да учествува на европски турнир, но откако едвај ќе излезат од својата земја (времето е поместено во 1990-тите години), ќе дознаат дека во нивната земја избила револуција и не им останува ништо друго туку да се вратат назад, и тоа по нелегален пат.
Џувани останува некако затворен во тој социјалистички период и гради многу наивен филм, кој не враќа во времето, во пристапот, во нарацијата, во ликовите, но и во начинот на снимање претворајќи се во пародија сам на себе. Иако замислен како комедија, тој воопшто не успева во намерата да си поигра со времето, да направи забавни ликови, па дури и да упати критика на Западот, но и на Истокот виден низ некогашна Југославија, а особено низ Србија и Македонија. |