01.10.2009, 16:42 Денеска на „Браќа Манаки“ седум кратки македонски филма
Денеска на фестивалот „Браќа Манаки“ во 12 часот ќе бидат претставени водечката европска фондација „Еуроимаж“ и кинематографската асоцијација за филмски режисери АЦИД. Мастеркласата со Дарко Баиќ и Антонио Митриќески е закажана за 13 часот во малата сала во Центарот за култура.
Во рамките на програмата „Македонска панорама“ исто во малата сала од 14 часот ќе можат да се видат пет кратки играни филма и два документарни. И тоа: „На изгрејсонце“ на Ѓорче Ставрески, „Зад темнината“ на Арбен Тачи, „Внатре“ на Иван Ивановски, „Поинаку“ на Алек Русјаков, „Глуварче“ на Игор Христов, како и документарните „Крв за крв“ на Астрид Омери и „Погледни го животот низ моите очи“ на Марија Џиџева.
Од главната програма на репертоарот се две различни семејни драми, шведскиот „Мамут“ на Лукас Мудисон и британскиот „Аквариум“ на Андреја Арнолд. Во чест на добитникот на „Златна камера 300“ Питер Сушицки во 17 часот во големата сала ќе се прикаже „Валентино“ на Кен Расел, а во музичкиот дел од 19 часот ќе настапат Тони Китановски и Черкези. (С.У.) |