01.10.2009, 16:41 Жешка шлаканица за МАНУ
На Македонија и' треба нова, а не поправена енциклопедија
Тина Иванова
„Науката треба да се заснова врз факти, да биде непристрасна и да не навлегува во контроверзиите на дневната политика“, рече завчера претседателот Ѓорге Иванов, поздравувајќи ја одлуката на МАНУ да ја повлече Македонската енциклопедија.
Но, се случува токму спротивното. Нашата наука очигледно целосно е обземена од дневната политика. МАНУ реши да ја повлече енциклопедијата од продажба и да направи исправка на оспорените определници, откако премиерот Никола Груевски и претседателот на ДУИ, Али Ахмети, констатирале дека случајот енциклопедија „не смее да се дозволи да влијае на позитивните меѓуетнички односи во Македонија“.
Највисоката научна и уметничка институција во земјава за миг се претвори во продуцентска куќа на евтини шпански серии. Неделиве наназад, кога јавноста секојдневно жестоко реагираше за содржините во енциклопедијата, МАНУ продуцираше трагикомични пиеси чиј крај, како во сериите, беше неизвесен. За тоа време, претрпе и домашен и меѓународен резил. Се давеше во кашата која самата си ја направи, не знаејќи, не умеејќи да исплива на површината.
Па, крајот на приказната, ако е ова воопшто крај ќе покаже времето, МАНУ реши да и' го довери на политиката. И покрај тоа што изјавите на главниот редактор на енциклопедијата, академик Блаже Ристовски, се движеа во насока дека ништо нема да се менува во ова дело, МАНУ си даде автогол по едно и полчасовната средба на Груевски и Ахмети. Односно, спротивно на тоа дека науката несомнено треба да биде над дневната политика, политиката сега ја удри науката со чекан по глава.
Она што е најконфузно во целата оваа ситуација е што завчера и владејачката ВМРО призна дека енциклопедијата е катастрофална. Премиерот Никола Груевски, дали на невидено, дали на на непрочитано, дали на непроверено, (иако неговата Влада е главниот финансиер на ова дело и негов издавач), на свечената промоција ја нарече енциклопедијата „капитално дело“, ја нарече „дело кое го скенира културното и историското богатство на Македонија“. Долго време без став, и покрај притисокот на јавноста, и покрај жестоките реакции околу спорните определници во енциклопедијата, сега конечно ја префрли топката на МАНУ, лоцирајќи ја одговорноста токму во оваа институција. Па, штетата, се разбира, на крајот ќе ја имаат само академиците. Тие ќе носат лузни на неукост, на површност, на неодговорност.
Претседателството на МАНУ, на Редакцијата на енциклопедијата завчера и' наложи во најкус рок да направи исправка на оспорените определници за албанско-македонските врски и односи, за Албанците во Македонија, за Али Ахмети, за агресијата врз Македонија, за ОНА и за Гонџа Бојаџиу. Дека авторите на енциклопедијата малку „избрзале“ со одделни оценки, еве, на пример за последното историско случување, конфликтот од 2001 година, тоа е неспорно. Токму „забелешките“ на МАНУ за 2001-та, се чини, се камчето во чевелот што повторно ги иритира и ги поларизира меѓуетничките релации. И тоа е всушност најсилниот аргумент да се повлече енциклопедијата и да се коригира.
Но, прашање е дали само овие определници за кои најмногу се крена врева во јавноста, и кај Албанците и кај Македонците, треба да се менуваат. Според реакциите и на научната јавност, кои се' уште не стивнуваат, очигледно станува збор за спорни определници во енциклопедијата повеќе од 50 насто. Станува збор за многу штури определници кои навистина иритираат. Па, што ќе прави МАНУ со нив, откако ќе ги кор��гира само овие погоре споменативе? Треба ли откако ќе се исправат тие, повторно да се разгорат реакции и дебати во јавноста, но тогаш за некои други области, од уметноста, од културата на пример, па МАНУ повторно да го повлекува и исправа своето „капитално“ дело? Зарем е важно да се коригираат само оние определници кои најдиректно ја засегаат политиката?
Лексикографијата е голема наука. И на Македонија дефинитивно и треба нова енциклопедија. Зашто, енциклопедиите се промотори на знаењето и на новите духовни вредности. А, не промотори на дневната политика.
На крајот останува само да се запрашаме: Дали по сите овие контроверзи, некој ќе се осмели да ја купи оваа енциклопедија на МАНУ? Па, дури и така поправена. Дали некој ќе ја користи како релевантен извор за своите истражувања? Ќе и верува ли некој на издржаноста, на квалитетот?
И на крајот, уште поважно, како МАНУ ќе го врати своето реноме кое го градеше сите овие децении наназад? Четири и пол годишната работа, 1671 енциклопедиски страници, преку 9.000 одредници, 5.000 илустрации, или „милионски синтетизираните податоци, фактите и аргументите за легитимитетот на Македонија во историјата и современоста“, како што меѓудругото на промоцијата истакна редакторот опишувајќи ја енциклопедијата, паднаа во вода за само, условно кажано, еден ден. |