07.08.2012, 18:39 Педофилија или традиција во Авганистан
Единаесетгодишно девојче, омажено за 40-годишен маж, посакувало еден ден да стане учителка
Пред почетокот на нивната свадбена церемонија во руралниот дел на Авганистан, 40-годишен маж седнува да се фотографира со својата 11-годишна сопруга. Девојчето му кажува на фотографот дека е тажна што е свршена бидејќи сакала да стане учителка. Омилен предмет и бил дари, локален јазик, пред да мора да го напушти училиштето и да се омажи.
Таа е една од 51 милион деца невести низ светот денес. И тоа не е само муслиманска традиција, тоа се случува низ многу култури и региони. Фотографот Стефани Синклер го пропатува светот правејќи фотографии, како онаа на авганистанската двојка за да го документира овој феномен.
Кристин Аманпур зборуваше со Синклер во врска со книгата во која има нејзини фотографии со наслов „Прашања без одговор: Светот во слика од фотографи од VII“. Аманпур ја праша Синклер дали 11-годишното девојче што се омажи во 2005 година, и други како неа, го консумираат бракот на толку рана возраст. Синклер и кажа дека иако многу Авганистанци и' кажале дека мажите ќе чекаат до пубертетот, жените ја тргнале на страна за да и кажат дека всушност мажите имаат секс со сопругите кои се' уште не влегле во пубертет.
Синклер работи на овој проект речиси една деценија. Таа оди во тие области со помош на луѓе во тие заедници кои сакаат таа практика да престане, бидејќи се сведоци на опасните последици.
Во Јемен има слична слика. Техани и Гада се јатрви фотографирани со нивните сопрузи, кои се припадници на армијата. Како и многу други девојчиња Техани не ни знаела дека ќе се мажи, се' до нејзината свадба. Таа тогаш имала шест години. Техани опишува како влегла в�� бракот: „Тие ми ги украсуваа рацете, но не знаев дека ќе ме мажат. Потоа дојде мајка ми и ми рече: ’Ајде ќерко‘. Тие ме дотераа и јас прашав: ’Каде ќе ме носите?‘“
Синклер вели: „Оваа опасна традиционална практика на брак со дете е толку вгнездена во некои од овие култури што семејствата не ги штитат како што треба“.
Лицата знаеја дека се фотографирани и Синклер им ја кажа темата на која работи. Таа им кажа дека во места како САД има малолетничка бременост, но за општествата што таа ги фотографира многу е полошо ако 13-годишно девојче е бремено и немажено.
На друга фотографија на Синклер е Нуџуд Али, девојче од Јемен. Во редок развој на настаните, Али успеала да се разведе на 10-годишна возраст. „Неколку месеци откако се омажи, таа излезе пред суд и најде адвокат-жена по име Шада Насер и побара од неа да и помогне да се разведе, и успеа во тоа“, вели Синклер. „Тоа дефинитивно е редок случај и Нуџуд стана еден вид на меѓународен симбол на брак со дете, бидејќи таа успеа да го направи тоа. И мислам дека таа инспирираше многу други девојчиња и други организации да ги поддржат овие девојчиња, да имаат посилен став против ова“.
Синклер ја документираше оваа практика и надвор од муслиманскиот свет. Во христијанска заедница во Етиопија таа успеа да направи фотографија на 14-годишно девојче по име Лејуалем, во сцена што личи на киднапирање. Лејуалем беше грабната со мазга и лицето и беше прекриено со прекривка. Синклер го праша младоженецот зошто ја прекриле, тие рекоа дека тоа го прават за да не биде во можност да се врати дома ако сака да избега од бракот.
Синклер патуваше во Индија и Непал, и фотографираше бракови со деца меѓу некои Хиндуси. Петгодишно Хинду девојче по име Раџани беше омажено под превезот на ноќта: „Буквално во 4 часот изутрина. И нејзините две постари сестри беа омажени за две други момчиња“, вели Синклер. „Честопати сме сведоци на овие групни венчавки бидејќи девојчињата и семејствата не може да си дозволат да организираат три венчавки“. Во случајот со петгодишното девојче Раџани ќе продолжи да живее со своето семејство уште неколку години.
Девојчињата не секогаш се тие кои се принудени на брак. Синклер сакаше да фотографира брак со дете во Индија и Непал, бидејќи понекогаш и момчиња влегуваат во брак на толку рана возраст. „Често и тие се жртви на оваа опасна традиционална практика“, вели таа.
Синклер и' кажа на Аманпур дека се надева оти фотографиите нема само да го нагласат проблемот кај западњаците, туку исто така да им покажат на луѓето во областите каде ова се случува дека ако девојчињата продолжат да бидат вадени од популацијата за со употреба на сила да бидат натерани да работат по дома, општествата се тие што најмногу трпат. „Тоа е опасна традиционална практика што бавно се менува. Ние само сакаме таа побрзо да биде променета“. |