25.03.2012, 18:07 Бенефициран стаж за рударите без услови
Бенефицираниот стаж на работниците во рудниците со подземно ископување нема да се условува со цели календарски години за да се намали возраста за пензија за една година. Вакво законско решение донела Владата по иницијатива на синдикатите.
На ваков начин, според министерот за труд со социјална политика, Спиро Ристовски, се решава деценискиот проблем на рударите, како една од најзагрозените категории работници. „За работниците во рудниците со подземно ископување намалувањето на старосната граница на пензионирање за по една година согласно со постојното законско решение се врши ако работникот има поминато три цели години бенефициран работен стаж на работно место, каде што 12 месеци се сметаат како 18 месеци. Но, доколку на работното место помине две години и 11 месеци, значи нецели три години, старосната граница не може да се намали за една година, поради што тој и натаму останува на работа“, рече Ристовски.
Додатен проблем е што поради штетни влијанија при вршењето на овие работни активности врз здравјето на работниците, тие привремено се распоредуваат и на други работни места со помал степен на бенефициран стаж, на пример 12 месеци како 16 или како 17 месеци, при што во собирањето на стажот од повеќе степени не можат да се соберат цели години за намалување на возраста на пензионирање.
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Живко Митревски, смета дека на ваков начин во корист на работниците е решено едно прашање кое им создавало проблеми на рударите повеќе од една деценија. „Со новата формула на пресметување, за рударите ќе се решат голем дел од проблемите со кои се среќаваше оваа категорија работници, која е најизложена на опасности“, рече тој. „Ова е практично решение за еден проблем од реалниот живот“, смета претседателот на СИЕР, Пеце Ристовски.(Ек.Р.) |