06.09.2012, 17:42 Владиниот тим на конвенцијата на демократите
Премиерот зборува на бизнис-форумот што се одржа во Атланта
Атланта - Со презентација на можностите за инвестирање во Македонија пред 80 компании во Атланта, владината делегација, предводена од премиерот Никола Груевски, ја заврши бизнис-презентацијата во САД. Премиерот од вчера е во Шарлот, каде што ќе присуствува на конвенцијата на Демократската партија на која Барак Обама треба да ја прифати кандидатурата за нов претседателски мандат.
„Денешната презентација на која дојдоа околу 80 компании е успешна. Има интерес на голем број за поединечни средби. Ова е последна дестинација за бизнис роуд-шоуто што го имаме. Се надеваме дека со голем дел од оние што беа на средбите ќе ги продолжиме контактите со цел да ја изберат Македонија како своја следна бизнис-дестинација и да инвестираат во Македонија, да отворат нови работни места“, изјави премиерот Груевски.
Претходно премиерот Груевски присуствуваше и на конвенцијата на републиканците во Тампа.
„Земја на можности“ - taka претседателот и извршен директор на Стопанската комора на Мајами Бери Џонсон за Гласот на Америка резимира како американските бизниси гледаат на Македонија.
За првиот човек на Комората на Мајами, Балканот повеќе од кога и да е порано е подготвен економски да застане на свои нозе. Очекува мудрите бизнисмени да ја искористат можноста „уште денес, а не утре“.
Олга Рамундо, сопственичката на туристичката фирма „Експрес травел“ од Мајами, мисли дека за Македонија како туристичка дестинација нема доволно информации во САД.
„Потребна е малку поголема промоција на она што Македонија има да го понуди. Се работи за прекрасна дестинација, но непозната за многумина туристи кои не знаат што нуди земјата“, вели Рамундо.
Бизнисменот од секторот на финансиски корпорации Шик Ал-Калифа од Тринидад и Тобаго, кој самиот се опишува како човек кој „инвестира во банкротирани компании и повторно ги прави профитабилни“, објаснува зошто е заинтересиран за Македонија: - „Македонија е портата на Европа. Од Македонија може да ги покриете соседните земји, а ќе имате и брз пристап до ЕУ. Размислувам и за други земји во регионот, но засега Македонија ми е во фокусот“. (МИА) |