06.09.2012, 17:40 Епидемија на црвени линии околу Македонија
За Николај Младенов постои „папочна врска“ меѓу нашата земја и Бугарија, па антибугаризмот не не' одвојува од нив, туку од ЕУ
Слободанка Јовановска
„Она што го гледаме во Македонија е идеолошка интерпретација на историјата и обид да се создаде идентитет на сметка на Бугарија. Тоа не е нешто што ќе доведе до позитивен крај за земја која сака да биде дел од Европската унија“.
Со овие зборови, во интервју за бугарски „Капитал“, шефот на бугарската дипломатија Никола Младенов одговори на се' поагресивните притисоци во неговата земја Софија да и' покаже заби на Македонија. По критиките во некои од медиумите дека повеќе го интересираат Сирија и Блискиот Исток отколку соседството, Младенов завчера на седница на Владата најави формулирање стратегија за односите со соседите, или поточно само за оние кои не се членки на ЕУ и НАТО и кои, како што се верува во јавноста таму, може да се условуваат - Македонија, Србија и Турција. За стратегијата Младенов најави општа и јавна расправа, а идејата е зад неа да застанат сите политички сили така што таа ќе ги нацрта „црвените линии“ во односите кон трите држави. Стратегијата ќе се пишува веќе од идната недела и ќе биде ставена на расправа во бугарскиот парламент.
„Бугарија и Македонија се поврзани со папочна врска, граѓаните се поврзани и тоа нема никаква врска со државата, политиката и владата. Историјата не' поврзуваше, но и не' разделуваше. Колку повеќе во Скопје го надувуваат антибугаризмот, толку повеќе се оддалечуваат од европската агенда. Затоа ни е важно да дефинираме кои се параметрите на нашата поддршка кон соседите и кои се црвените линии што ни се важни“, изјави во интервјуто Младенов. Запрашан зошто тоа се прави сега, а не пред две години, Младенов одговори дека стратегијата требало да се дефинира пред 20 години, кога се распаѓаше СФРЈ. „Веќе 20 години скитаме и тоа ја поткопува веродостојноста на нашите одлуки. Треба да гледаме напред, зашто ако гледаме назад околу тоа што не' дели, ќе најдеме повеќе од доволно причини. Можеме да си зборуваме многу за 1913 година, но така ќе ја испуштиме 2013 година“, порача Младенов во интервјуто, очигледно сакајќи да и' даде актуелен временски контекст на дебатата наспроти притисокот на ретроградните структури во Бугарија кои бараат држење лекции на Македонија за историјата.
Топката вчера се обиде да ја спушти и премиерот Бојко Борисов, кој ја поздрави како охрабрувачка и како нов тон во односите изјавата на претседателот Ѓорге Иванов дека историјата треба да се остави на историчарите. Според она што го најави Младенов, стратегијата треба да ги дефинира трајните културни, историски и политички интереси на Бугарија кои треба да бидат заштитени со „конструктивен дијалог“ со нас и другите земји.
Во тој контекст ги спомена запазувањето на бугарскиот јазик и култура и развојот на бугарските заедници со порака дека ако сакаме поддршка за ЕУ, мораме да докажеме дека сакаме апсолутно конструктивно, одговорно и искрено да го изодиме патот што го изодила веќе неговата земја. Понатаму тој практично го објасни силниот интерес на Бугарија (како и на Грција) за проширување на ЕУ во регионот, бидејќи без проширување ќе станат апсурдни нивните „вета“ кон Македонија. Иако никој не го спомна тој момент, стратегијата е нов начин на Софија да ги оствари интересите во однос на Македонија, откако предложениот договор за соработка пред некоја година доживеа дебакл бидејќи нашата влада побара реципроцитет во политиките што се предвидуваа.
Оттогаш во Софија се зборува за односи со Македонија во рамки на процесот на евроинтеграцијата, што во превод значи дека со договорот Бугарија требаше да биде рамноправна во исполнувањата, а сега со стратегијата само ќе ни испорача еднострани очекувања.
И, додека од Македонија никој со месеци не дал изјава за Бугарија, а ако се исклучат некои инцидентни, и со години, од таму се пишуваат бројни писма со поплаки, при што само неделава едно до УНЕСКО за изложбата во Белгија, како и до Штефан Филе. Ричард Ховит и Жозе Мануел Баросо за „репресии“ врз тие што се изјаснуваат како Бугари. Еден од историчарите, пак, не' обвини и за крадење бугарска песна во недостиг од нешто друго порелевантно, порачувајќи дека така и' треба на Софија кога доби идеја прва да ја признае македонската држава, бидејќи со тоа ги призна и нацијата и јазикот.
Повеќето медиуми вчера ја пренесоа и изјавата на Филе на адреса на Бугарија, што „Дума“ ја искоментира како прекорување со прст на Софија. Како и да е, Бугарија упорно оди по стапките на Грција, која исто така ја брани својата ригидна политика зад национален консензус, нешто што неизбежно води кон тоа и Македонија да одговори соодветно, т.е. политичките сили овде конечно да исцртаат наши црвени линии зад кои ќе застанат едногласно.
|