06.09.2012, 17:42 Грците имуни за „македонски“ на Филе
Користењето на придавката „македонски“ од страна на еврокомесарот Штефан Филе не предизвика никакви јавни реакции во Грција. Немаше ни политички реакции, ниту пак бура во медиумите, иако во почетокот на летото некои од грчките новинари предупредија дека Грција треба да се подготви за нови притисоци и жешка есен за спорот за името.
Грчките медиуми во кои преовладува анализа на проблемите со кои се соочува Грција поради финансиската криза, најавите за мерки за штедење и предупредувањата од ЕУ за спроведување реформи за да биде исплатена нова рата, не покажаа некаков интерес за тоа дека еврокомесатор Филе за време на прес-конференцијата со македонскиот претседател Ѓорге Иванов слободно ја употреби придавката „македонски“ говорејќи за народот. Во грчките медиуми осамнаа информации од средбите на Иванов со генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмунсен, и првиот човек на Европскиот совет, Херман Ван Ромпуј, и беа потенцирани нивните пораки дека вратата за прием на Македонија во ЕУ и НАТО ќе се отвори со решавање на спорот за името.
Единствени ретки реакции за Филе се појавија кај некои од грчките блогови, кои сугерираа дека грчкото Министерство за надворешни треба да испрати протестна нота и да го „врати во реалноста“ еврокомесарот.
Веста изостана во јавноста поради интересот за исходот од средбите на грчкиот премиер Андонис Самарас со европските лидери, неговите ветувања дека новиот пакет мерки ќе биде и последен, постојаните условувања од ЕУ дека за да ја добие новата рата од кредитот Грција мора да си ги исполни обврските, како и веста дека продолжува порастот на невработеноста со тоа што во јуни таа достигнала 24,4 отсто. (М.П.) |