06.09.2012, 17:10 ДУИ го блокира Собранието и бара помош од Иванов
Со маратонски говор, во стилот на Кастро и Чавез, координаторот Талат Џафери се обиде да докаже дека Законот за бранители е неуставен и антиалбански
Наум Котевски
Демократската унија за интеграција, среде деликатната политичка ситуација, реши да го фати коалицискиот партнер ВМРО-ДПМНЕ на кондиција. Со долги говори од типот на Кастро и Чавез, ДУИ се обидува да докаже дека поднесениот Закон за бранители е неуставен, антиалбански и недемократски, но и да купи време и да го пречека премиерот Никола Груевски со парализирана Комисија за труд и социјала, иако не знае каков ефект може да донесе тоа.
Груевски, пак, кој сигурно е информиран за собраниските блокади, по завршувањето на бизнис-посетата на САД одлучи да замине во Шарлот за да го слуша предизборниот говор на претседателот Барак Обама, оценувајќи дека има кој друг да ја трпи мачната атмосфера во Собранието, создадена токму од лидерите на владејачките партии.
Тој пред да отпатува во САД беше категоричен дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена на се', во што веројатно влегува и ваквото „врзување раце“.
Прв кој се обиде да демонстрира издржливост беше координаторот на пратеничката група на ДУИ, Талал Џафери, кој по завчерашните три часа вчера речиси уште толку беше на говорницата читајќи го Уставот и цитирајќи ги законите во детали. Вели, не знае колку ќе говори, но ќе биде долго.
„Не знам дали ќе завршам денеска. Можно е да говорам и утре и в понеделник“, рече Џафери, кој побара помош и од претседателот Ѓорге Иванов. Според него, претседателот треба да сугерира предлагачот на законот да се откаже од идејата да се донесе ваков неуставен закон. „Претседателот кога ќе отиде во Брисел или кога ќе се сретне со некој државник првото нешто што го прашуваат е дали се почитува Охридскиот договор“, кажа Џафери, за кого, пак, „помош“ побара неговиот сопартиец Арбен Лабениште. Тој за време на говорот на Џафери побара пауза, со цел координаторот малку да одмори. Напоменувајќи дека тоа е надвор од деловникот, претседателката на Комисијата за труд и социјала Цветанка Иванова од хумани причини дозволи пауза.
„Па не му треба одмор само на командантот и ние треба да здивнеме, се вкочанивме“, дофрли координаторката на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, додека нејзиниот колега Веле Ѓорѓиевски, без да прејудицира колку ќе траат мачните дебати, категорично тврдеше дека законот мора да се донесе со цел Македонија да им се оддолжи на бранителите.
„Ова не значи распад на коалицијата, но не знам да ви кажам колку ќе трае“, потенцира Ѓорѓиевски.
За разлика од него, Џафери побара законот да не го види светлото на денот. „Владата нема дадено свое мислење за законот. Таа треба да даде мислење за закон кој го поднесуваат други овластени предлагачи. Во Владата има поделени мислења и затоа тој треба да се врати таму“, резонира Џафери.
Според него, законот е неуставен и затоа што некој сака да го протурка со надгласување на Албанците, односно, како што додаде, со просто мнозинство.
„Законот вели дека кога се одлучува за правата на етничките заедници потребно е двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници, но и мнозинство од пратениците од етничките заедници кои не се мнозинство во државата. Акт за надгласување на Албанците нема да има. Или ќе има кога ќе нема ниту еден Албанец во оваа Комисија“, потенцираше Џафери.
Ако вака мазно одат работите, законот ќе стигне на пленарната седница на 10 септември. Но, која година никој не кажува. |