07.08.2012, 17:35 Македонско спасиба за Путин
Монах од Македонија стана светска вест откако му бакнa рака на рускиот претседател како благодарност за признавањето на нашата земја пред 20 години
Горан Адамовски
Монах од Македонија стана светска вест број еден откако му бакна рака на рускиот претседател, Владимир Путин. Руските медиуми известија дека свештеникот го направил тоа од благодарност за признавањето на македонскиот народ. Потегот на игуменот Методиј предизвика скандал, бидејќи не е обичај свештени лица да им бакнуваат рака на обични верници.
Видеото од настанот што се случи при посетата на Путин во Валаамски манастир на северот од земјата вчера беше хит на медиумите во целиот свет. На него се гледа како православен свештеник му ја бакнува раката на Путин додека се поздравува со присутните верници, кои дојдоа да го поздрават. Самиот Путин ја повлекува раката, а потоа и со главата гестикулира дека тоа не е в ред. Веднаш потоа, на интернет-блоговите следува жестока полемика. Веста стана сензација и за нас откако се дозна дека свештеникот е Македонец.
Портпаролот на Валаамскиот манастир, Михаил Шошков, вели дека станува збор за монахот Методиј од Македонија, кој му ја бакнал раката на Путин како благодарност од македонскиот народ за признавањето. Според него, гестот на игуменот не е невообичаен за источното православие.
„Бакнувањето рака означува смирение, при што не е правило само верниците да им бакнуваат рака на свештените лица, туку и обратно. Тој човек е Македонец по националност, за него ова беше многу значајно, вложи голем труд да го оствари“, рече Шoшков за руските медиуми.
Дмитри Песков од кабинетот на Путин тврди дека монахот Методиј и рускиот претседател се знаеле одамна и имале пријателски однос.
Според непотврдени информации во печатот, свештеникот од Македонија се наоѓа во Русија од 1992 година, а во Валаамскиот манастир е од 1993 година, кога станува послушник. Медиумите ги пренесуваат неговите поранешни изјави во кои вели дека македонскиот и рускиот народ се еден дух по словенска линија.
„Секој духовен човек, кој барем малку разбира од божественото откровение, знае дека Русија е последната, третата христијанска империја по Римската и Византиската. За малата Македонија, Русија е пример кон кој треба да се стремиме. Отсекогаш со посебни чувства сме гледале кон Русија, очекувавме нејзина помош“, зборува игуменот Методиј.
Неговиот гест доаѓа речиси во идентично време откако македонскиот претседател Ѓорге Иванов пред неколку дена му прати писмо на Путин како благодарност за признавањето на Русија пред две децении. Путин, кој ја води Русија од 2000 година (било како претседател или премиер), ужива поддршка од Руската православна црква и од нејзиниот патријарх Кирил, кој отворено го поддржуваше во кампањите. |