07.08.2012, 18:05 Трка за Струга: Мерко, Цаноски и Затуроска?
Двајца пратеници, со поддршка на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, ќе се обидат да му ги поматат сметките на актуелниот градоначалник
Горан Адамовски
ВМРО-ДПМНЕ ќе ја кандидира пратеничката Лилјана Затуроска за градоначалник на Струга. СДСМ, и покрај најавите за изборна коалиција со најлутиот политички ривал, сепак, ќе го поддржи Фијат Цаноски, кој ќе се обиде да стане прв човек во градот. Затуроска и Цаноски ќе се обидат да му ги поматат сметките на актуелниот градоначалник, Рамис Мерко, кој ќе трча по трет мандат.
Ова се најновите шпекулации што може да се слушнат во струшката чаршија седум месеци пред одржувањето на локалните избори. Струга се очекува да биде една од локациите каде што ќе се бие најсилна битка, а атмосферата ја загреаја и обидите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ да поддржат заеднички кандидат со цел да се добие градоначалник - Македонец.
Официјално, на терен нема ништо ново. Во СДСМ се' уште не одбрале општински лидер, а во ВМРО-ДПМНЕ во тек се конкурсите за градоначалник. Кога е во прашање кандидатурата на Фијат Цаноски, тој вели дека се' е можно.
Ако им се верува на гласиштата, централата на ВМРО-ДПМНЕ ја пикира Затуроска за кандидат за градоначалник, а тоа, пак, наводно, воопшто не му се допаѓа на локалниот комитет.
„Немам информација дека јас сум фаворит на партијата. Како што знаете, конкурсот за градоначалници трае до 1 септември, па и оваа пригода ја користам да ги повикам да се пријават сите оние што и' мислат добро на Струга и што мислат дека можат да му помогнат на градот“, ни изјави Затуроска. Таа вели дека досега не се пријавила на конкурсот.
И лидерот на струшките вмровци, Перо Петковски, вели дека треба да се почека завршетокот на конкурсот.
„Јас лично форсирам луѓе да се пријават за да се одбере квалитетен кандидат. Се' што се зборува засега е шпекулација“, тврди Петковски.
„ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе настапат заеднички во Кичево и во Струга на престојните локални избори. Целта е да се победи во Струга и да не се дозволи Кичево првпат да добие градоначалник што нема да биде Македонец“. Овие гласишта веќе неколку месеци кружат во јавноста.
„Прво, во тек е избор на ново раководство, кое треба да се случи до крајот на месецот. Дури потоа ќе размислуваме за кандидат. Можно е да се случи да имаме заеднички кандидат со ВМРО-ДПМНЕ, можно е да поддржиме друг кандидат, можно е сами да одиме на избори... Се' е отворено“, вели Наташа Беќароска од струшкиот Комитет на СДСМ.
Извори од двете партии, пак, брифираат дека од заедничката соработка нема да се случи ништо, оти СДСМ ќе го поддржи Фијат Цаноски. Претседателот на ПЕИ вели дека се' уште не размислувал за градоначалничката трка.
„Зависи од многу работи. Се' е можно“, кусо ни изјави Цаноски.
Досегашниот градоначалник на Струга, Рамис Мерко, за нашиот весник уште пред еден месец откри дека очекува неговата ДУИ да го предложи за нов мандат. Убеден е дека работел добро и во третиот мандат најавува уште низа проекти, кои ќе ги привлечат туристите во градот.
„Очекувам зад мојата кандидатура да застанат и ДПА, и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Со сите имам одлична соработка, редно би било да ме поддржат“, порача Рамко. Слична порака испрати и вчера кога за дел од медиумите рече дека и ако не добие доверба од ДУИ, очекува граѓаните да го поддржат.
Станат ли шпекулациите вистина, ќе биде интересно како ќе се одвиваат на терен најавените коалиции на локално ниво што најголемите партии во земјава ги договорија на централно ниво. |