20.05.2012, 18:36 Трпејчани ќе го блокираат патот кон Свети Наум
Засега не е утврдено кога ќе почне и колку ќе трае протестот, за кој организаторите велат оти ќе биде уредно најавен
Охрид - Жителите од охридското село Трпејца потврдија дека ќе почнат мирни протести со блокирање на патот Охрид – Свети Наум, бидејќи не е исполнето нивното барање во рок од пет дена да бидат урнати дивоизградените објекти на инвеститорот „Ивире“. Велат дека блокирањето на сообраќајницата е нивно демократско право со што сакаат да ја разбудат совеста на институциите. Засега се' уште го немаат одредено точниот тајминг и должина на протестот, но велат оти навреме и уредно ќе го најават.
„Уште еднаш јавно ги повикуваме Државниот јавен правобранител, надлежните инспекции, Комисијата за антикорупција, полицијата и судот најитно да го испитаат случајот и да стават точка на овој правен лавиринт. Се' поочигледно е дека се замешани интересите на поединци на кои не им пречи различната политичка боја. Ги спојува личниот интерес и профит под превезот на евентуалната легализација да приграбат атрактивно земјиште крај езерото, кое е државно и бесценето“, обвинуваат трпејчани и потсетуваат дека државата во Трпејца пред неколку години сруши над 100 градби.
Во меѓувреме мештаните имале средба и со градоначалникот на Охрид, Александар Петрески, кој им ветил дека дивогадбите ќе се рушат, но во рок од 10 дена. Доколку Општината нема средства за рушење, трпејчани бараат ингеренциите да ги преземе Државниот градежен инспекторат.
„Бараме да се задоволи правдата и дивите објекти да ги снема од заштитената зона крај езерото и во Националниот парк ’Галичица‘, а на инвеститорите државата по службена должност да им одреди кривична, материјална и морална одговорност за узурпација и нелегално градење на државен имот. Во спротивно ќе сметаме дека институциите се соучесници во незаконските дејства“, порачуваат селаните.
Тие поднеле претставка и до Комисијата за спречување на корупцијата во која бараат да се испита овој случај во кој мислат дека се вмешани лица од локалната и државната власт. „Многу таинствено и забрзано се преземаат мерки за легализација на земјиштето и на бесправните објекти. Донесени се решенија и заклучок за рушење на дивоградбите, но речиси една година не се спроведени“, пишуваат жителите во претставката. (В.М.) |