20.05.2012, 18:36 За нормална живејачка најмалку 500 евра месечно
Граѓаните имаат најголеми трошоци за храна, пијалаци и сметки, па затоа најмалку пари трошат за култура и здравје
Маја Томиќ
Стандардот тоне, а трошоците на граѓаните се се' поголеми. Додека платите тапкаат во место, од месец во месец се зголемува сумата што треба да се издвои за исхрана, пијалаци и домување. Само за овие потреби, на едно просечно четиричлено семејство му се потребни месечно најмалку 500 евра. Што значи, од просечната плата за март, во висина од 20.585 денари, за „нормална“ живејачка се потребни уште најмалку 42 отсто. Овој процент од месец во месец се зголемува, како што растат и цените на производите и услугите. Тоа го покажува месечната анализа на Сојузот на синдикатите на Македонија, (ССМ), за вредноста на минималната синдикална кошничка, (СМК). Таа се пресметува веќе една година, откако Државниот завод за статистика ја нема повеќе оваа ингеренција. Минималната кошничка на Синдикатот, всушност, подразбира дека со неа се покриваат, не просечните, туку основните месечни потреби на едно четиричлено семејство и според неа, исхраната и пијалаците не се единствениот трошок за нормално функционирање. Секој месец расте вредноста на кошничката. Така, таа во декември минатата година, кога просечната плата беше 21.415 денари, изнесувала 30.348 денари. При тоа, 12,880 денари или 42,44 отсто оделе за исхрана и пијалаци, а 9.568 денари или 31,5 отсто за домување. Во јануари годинава, при статистички просечна плата од 20.982 денари, вредноста на синдикалната кошничка е пресметана на 30.915 денари. За исхрана и пијалаци биле потребни 13.035 денари или 42,16 отсто, а за домување требале 9.971 денари или 32,2 отсто. Во февруари СМК тежела 31.041 денари и за исхрана и пијалаци биле потребни 13,126 денари или 42,26 отсто, а за домување 9.987 денари или 32,1 отсто, при просечна плата која изнесувала 20.625 денари. Во март, СМК вредеше 31.131 денар, а за исхрана и пијалаци биле потребни 13,165 денари, а за домување 10,019 денари. Додека во април годинава, СМК изнесуваше 31.370 денари, додека за храна и пијалаци требале 13.310 или 42,4 отсто. За домување, пак, се издвојувале 10.047 денари или 32 отсто од СМК.
Дека на граѓаните им е многу поважно да се прехранат и да ги платат сметките, а помалку им е значајно колку се здрави или културно едуцирани, тоа може да се види и од синдикалната кошничка, според која, најмал процент од вкупните трошоци во СМК отпаѓа на оние за култура и разонода. Во изминатите 5 месеци, во просек, за здравје се издвојувале околу 1,8 отсто од вкупната вредност на кошничката, а за култура околу 3,5 проценти.
Синдикатот ја пресметува кошничката според обработени трошоци на едно просечно македонско, четиричлено семејство, кое живее во дом од 50 метри квадратни и не поседува автомобил. При тоа, се вклучени седум групи: исхрана и пијалаци, домување, хигиена, превоз, облека и обувки, култура, одржување и здравје. За превоз се пресметани минимални трошоци, односно два месечни билета за превоз, работнички и ученички или студентски. Облеката и обувките вклучуваат набавка на едно парче облека и обувки за секој член на семејството, по сезони. Во ставката за култура се вклучени трошоците на три производи, еднаш месечно одење во кино, редовно купување на еден неделен и на еден дневен весник. Одржувањето и здравјето вклучува основни трошоци за лекарства, без лекарствата за хроничните болести. Кошничката не ги вклучува трошоците за рекреација, образование, хотели и ресторани и семејни прослави, кои не се рангирани како неопходни за живот.
Месечната анализа на Сојузот на синдикатите на Македонија за вредноста на минималната синдикална кошниЧка
декември 2011 јануари 2012 февруари март април
просечна плата 21.415 ден. 20.982 ден. 20.625 ден. нема податоци
кошничка 30.348 ден. 30.915 ден. 31.041 ден. 31.131 ден. 31.370 ден. исхрана и пијалаци 12.880 ден. 13.035 ден. 13,126 ден. 13,165 ден. 13.310 ден.
домување 9.568 ден. 9.971 ден. 9.987 ден. 10,019 ден. 10.047 ден. |